По реакциите на социјалните мрежи за спорниот кадар во кој се појавуваат бои кои асоцираат на бугарското знаме, изјава побаравме од Васил кој ни откри што се крие во делото кое се појавува во спотот и кое предизвика бура од реакции.

Откако вчера беше промовиран спотот за песната „Here I stand“ со која Васил Гарванлиев годинава ќе ја претставува Македонија на Евросонг, на социјалните мрежи се појавија реакции во врска со еден кадар каде во позадина се гледаат три ленти од платно кои асоцираат на бугарското знаме.

Во врска со ова го контактиравме Васил кој го негираше тоа и изјави дека некој намерно прави скандали без потреба.

– Нека им е. Спотот се снимаше во Даут пашиниот амам, и многу сум горд што Дита (директорката на галеријата н.з) ми дозволи да снимам таму. Во галеријата има прекрасна поставка од уметнички дела и никој инволвиран во спотот не смееше да прави било каква интервенција врз нив. Спотот изобилува со музика и уметност, прикажани преку музичарите во спотот и делата на македонски автори изложени во Даут пашиниот амам – вели Васил.

– Делото околу кое се „крена прашина“ е креација на авторката Жанета Вангели и е инспирирано од Исус Христос. Бугарското знаме е хоризонтално, а ова дело нема никаква врска со него. Впрочем истите бои на знаме ги имаат и други држави во светот, но никој не реагираше за тоа. Јас лично не гледам во делото ништо освен прекрасна креација на уметницата Вангели – ја појаснува спорната креација и додава дека гордо ќе ја претставува Македонија со „Here I stand“, која е искрена песна со многу душа и љубов во неа.

– Иако песната ги отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите, односно ќе допре до сите нас кои сме поминале низ трнлив пат, сме воделе тешки битки и повторно на крајот сме ја зачувале насмевката. Уште првиот момент знаев дека таа е песната со која сакам да се претставам себе си и татковината, силно верувам дека заедно со нашиот тим ќе се претставиме достоинствено на евровизиската сцена. Се надевам дека пораката за верба и надеж за подобро утро ќе ни помогне заедно да пребродиме сѐ што ни се случува.

Во врска со очекувањата од настапот на Евросонг, кој минатата година беше откажан поради ковид-пандемијата, Васил вели дека е фокусиран да ја претстави Македонија во најубаво светло, за него ќе биде лична победа, но и победа за сите нас.

– Кога јас ќе се преставам како што знам дека можам најдобро сите ќе блеснеме во таа прекрасна црвено – жолта боја како што треба! За секој уметник најголемата поддршка е кога неговата публика ќе застане позади него. Си докажавме себе си досега дека кога сме сплотени заедно можеме и ќе успееме. Се надевам и верувам дека ќе имаме моќен настап, со бројки и прогнози во моментов не се замарам искрено.Така што им праќам на сите љубов, позитивна енергија и прекрасна музика. Одиме напред и нагоре во горди црвено-жолти тонови! – раскажа пејачот.