“Украина го започна процесот за ставање крај на путинскиот режим. А самиот крај на путинизмот ќе биде исклучително болен за русија”. Ова меѓу другото го тврди амбасадорката на Украина во СР Македонија, Наталија Задорожњук, во ексклузивното интервју за порталот Алмакос, зборувајќи за најновите случувања во нејзината земја. Амбасадорката Задорожњук инсистирала во нејзиното интервју името на Русија да биде напишана само со мали букви, а не со голема буква на почетокот. Нејзиното интеврју ви го пренесуваме во целост.

Алмакос: Конфликтот секојдневно се продлабочува, со страдањата и жртвите што ги носи со себе. Како изгледаат шансите за враќање на мирот, гледано од оваа перспектива?

Амбасадорката Задорожњук: Кобната грешка на Путин беше тоа што тој испрати робови да ги ослободуваат веќе слободните луѓе. Ние сме на своја земја и немаме друг избор освен да се бориме и да победиме. Постои осамената русија изолирана од целиот цивилизиран свет и постои Украина, која се наоѓа во првите редови на оваа цивилизациска војна.
Веќе победивме историски, идеолошки. Украина го започна процесот за ставање крај на путинскиот режим. А самиот крај на путинизмот ќе биде исклучително болен за русија.
Единственото нешто што би сакала е тоа да се случи што е можно поскоро, бидејќи цената на прашањето се човечки животи, мирни украински градови и села, смрт на украински деца. Сега најважно е да се удри режимот што е можно побрзо и поболно. Тоа го прават Украина и целиот свет.

Алмакос: Какво е расположението и подготвеноста на украинските сили за соочување со руската инвазија? Дали сте оптимисти дека војската на Украина ќе успее повторно да ја врати контролата над освоените територии од руската војска? Какви се шансите за да се вратат аанкетираниот Крим, и веќе прогласените републики Донбас и Луганск?

Амбасадорката Задорожњук: Мојот одговор е краток – Путин и путинистите изјавија дека ќе ја земат Украина за неколку дена, а Кијив за неколку часа. Мотивациите на армиите – украинската и руската се различни. Ние сме на нашата земја, се бориме за нашата Татковина, за нашиот народ и ние сме крајно слободољубив народ. Русите – дојдоа да уништуваат туѓа земја. Оние кои беа фатени велат дека не знаат што прават овде. Нивната наводно најмоќна армија на светот се покажа дека е уште една лага, како и сите лаги создадени од оваа држава. Самата држава е лажна држава. Ја крадат историјата, ја крадат црквата, ја крадат територијата. Разбирајќи дека ништо не можат да направат, го плашат светот со нуклеарно оружје.

Алмакос: Има сомнежи за сторени воени злосторства во досегашниот тек на инвазијата. Колку и какви докази се собрани досега?

Амбасадорката Задорожњук: Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, Холандија, доби барање од 39 земји-членки да се истражи ситуацијата во Украина поради рускиот напад. Според изјавата на шефот на Канцеларијата на Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, работата на собирање докази е започната.
„За време на прелиминарното проучување на ситуацијата во Украина, мојата Канцеларија виде разумни основи да верува дека се извршени кривични дела кои спаѓаат во надлежност на Судот“, се вели во соопштението.
Украина собира докази за воените злосторства на РФ во украинските градови и села и истите ќе ги достави до Хаг. Нападите на русија врз градинки, сиропиталишта, болници, породилишта, станбени згради, убиства и пукање на цивили, употреба на недозволено оружје, вклучително и фосфатни бомби, се воени злосторства и кршење на Римскиот статут. Канцеларијата на Јавниот Обвинител на Украина ги собира овие и други материјали, кои веднаш ќе ги пренесеме во Хаг.
Органите за спроведување на законот во моментов истражуваат повеќе од 1.800 кривични случаи на воени злосторства од страна на руски војници во Украина.
Одговорноста е неизбежна.

Алмакос: Дали сте во можност да контактирате со вашите блиски во Украина, и како се снаоѓаат тие во оваа ситуација?

Амбасадорката Задорожњук: Моите блиски ја делат судбината на сите Украинци – некои се на фронтот, некои се во засолништа за бомби, некои се волонтери. И целата наша Амбасада и целата наша украинска заедница во Македонија се трудат да и помогнат на нашата прекрасна земја колку што е можно повеќе.

Алмакос: проценки од врвни аналитичари и геостратези, велат дека Русија нема да застане во Украина, и дека ако ја порази вашата земја, на ред се други држави. Колку се реални тие проценки, и дали постои ризик претензиите на Русија да стигнат и до Балканот, конкретно до РС Македонија?

Амбасадорката Задорожњук: Рускиот путински режим смета дека русија има некаква си посебна мисија во светот, некаква посебна цивилизација. Ова е фашизам. Нема посебни нации, сите нации и народи во светот се посебни и еднакви. Ова е разликата меѓу Западот и русија – меѓу толеранцијата, човековите права, слободата од една страна и деспотизмот, тоталитаризмот, наметнувањето на својата идеологија – од друга страна. Но, во реалноста во оваа лажна земја не е сè баш така. Семејствата, децата на раководството и елитата блиска до раководството се стремат да живеат и всушност веќе живеат надвор од русија, во толку омразениот од нивна страна Запад (во САД, Европа), а половина од земјата – се сиромашни и негазифицирани.
Украина е трет, по Молдавија и Грузија, предмет на најновата руска воена агресија. И овие конфликти продолжуваат само затоа што русија ги храни.
Конфликтот во Придњестровје, војната во Грузија, војната во источна Украина и окупацијата на Крим, а сега и целосната војна против Украина за уништување се дел од поширокиот, системски феномен на руската надворешна политика – рускиот експанзионизам. Кремљ ги решава своите надворешно-политички и внатрешно-политички задачи, од кои најважни се консолидирање на сферата на влијание на русија и консолидирање на руското општество околу идејата за руска суперсила, супердржава, бидејќи ништо друго тие не можат да му понудат на светот.
Режимот на Путин сам создава конфликтни ситуации и конфликтни зони за потоа да бара свое учество во нивното решавање. На русија не ѝ е исплатливо решавањето на чувствителни прашања никаде, вклучително и на Балканот, бидејќи со решавањето на овие прашања значително ќе се намали нејзината политичка улога и можностите да влијае на внатрешните процеси во регионот. Денес, земјите од регионот, заедно со Украина, се уште едно место на конфронтација меѓу русија и Западот. Од појавување на хибридни трупи на рф регионот го спасува географската оддалеченост и присуството на трупите на НАТО во регионот, но овие фактори не спасуваат од манифестации на хибридна лажна информативна агресија – руската пропаганда.

Алмакос: Како ги оценувате позициите на СР Македонија во однос на конфликтот? Пред некое време јавно изразивте критики поради неприклучување на нашата земја на санкциите воведени од земјите членки на НАТО и ЕУ кон Русија, но тоа е променето во меѓувреме.

Амбасадорката Задорожњук: Како Амбасадорка, благодарна сум ѝ на Северна Македонија, како на ниво на Владата, така и на ниво на македонскиот бизнис, финансиските институции и обичните граѓани, за огромната поддршка што ни ја давате.
Ова ја вклучува одлуката на Владата за воведување санкции, помош со бегалците и помош за собирање хуманитарна помош. Ние сето тоа навистина го цениме.
Ова ја вклучува и поддршката на Собранието, усвојување на декларација за осуда на русија. Ова го вклучува и мнозинството политички партии во земјата кои ја поддржаа Украина.
Одговорија сите – финансиски институции, трговски ланци, бизниси, фирми, компании.
По победата задолжително јавно ќе му се заблагодарам на секој посебно.

Алмакос: Имаше мирни протести и за подршка на Украина и за подршка на Русија. Како го оценувате расположението на јавноста и на граѓаните во СР Македонија во врска со конфликтот?

Амбасадорката Задорожњук: Огромното мнозинство граѓани на Северна Македонија се на страната на Украина, бидејќи поинаку не може да биде. Ова е праведна војна за својата земја. Русија е напаѓач, агресор.
На маргиналниот дел што го поддржува путинизмот, сакам да му кажам да не се залажуваат со руската пропаганда, која ја наметнува лагата дека русија војува против Америка, а Украина е жртва. Не. Русија, а не Америка го украде Крим, русија, а не Америка го окупираше Донбас, русија, а не Америка – бомбардира и уништува цивилно население во Украина, ги убива нашите деца, ги заробува украинските нуклеарни централи, ги бомбардира зелените коридори за бегалците, русија го плаши целиот свет со нуклеарна војна.
Ова е прво. И второ. Ние не сме жртва. Ние сме слободен, херојски народ кој се бори против руските окупатори. Ние сме во првите редови на борбата на демократскиот свет против фашистичкиот режим. И ние не сме браќа со русите. Не сме биле, не сме и нема да бидеме. Нема да ги простиме страшните злосторства врз нашата држава и нашиот народ.
И повеќето во Македонија го разбираат ова. Им благодарам и на водечките медиуми кои објавуваат коректни и објективни информации. Се разбира, има и други медиуми. Но, таму е јасно, од кого и од каде добиваат информации. Руската пропагандна машина работи. Но, би сакала овие следбеници на Путин да разберат дека со поддршката на руските лаги, со ширењето на руската пропаганда, тие ја поддржуваат руската воена агресија, го поддржуваат бомбардирањето на Украинците, смртта на нашите деца.

Алмакос: На површина изби информација дека МНР на Северна Македонија се снабдува со нафта и бензин од руската компанија Лук Оил. За да биде иронијата поголема, самиот министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека тие што купуваат руски горива ја помагаат руската инвазија во Украина, со што на некој начин и себеси се вброи меѓу тие што помагаат на Русија. Кој е вашиот коментар на ова?

Амбасадорката Задорожњук: Ние знаеме дека земјата не ја добива главната количина на горива и мазива од „Лукоил“.
Повторувам дека високо ја цениме улогата на Министерството за надворешни работи и лично на Министерот Бујар Османи за неговата јасна и доследна поддршка на Украина во војната со русија.

Алмакос: Објавивте повик за доброволци кои би се бореле на страната на Украина. Колку сте задоволни од досегашниот одјек?

Амбасадорката Задорожњук: Русија сака да ја уништи Украина, остварува геноцид врз украинскиот народ. Во ова време има многу странци кои сакаат да ѝ помогнат на Украина.
Сите Амбасади на Украина и сите светски медиуми во светот информираа за иницијативата на Претседателот на Украина за создавањето на Меѓународната легија за територијална одбрана на Украина. Ваква пракса постои во многу земји во светот, вклучително и во Европа. На сите им е позната Француската легија на странци.
Но Амбасада не извршувала, не извршува и нема да извршува регрутирање. Амбасадата исклучително пренесува информација за иницијативата на Претседателот.