Претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, соопшти попладнево дека е одобрен уште еден договор со фармацевтската компанија, Модерна, за дополнителни 300 милиони дози вакцина против Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од овие 300 милиони дози, половина се предвидени за оваа година, а останатите 150 милиони се опција за 2022.

Новиот договор предвидува можност за донирање на дози на посиромашни земји, информираше претседателката.

Ова е втор договор со Модерна. Утрово компанијата Фајзер потврди дека Европската Комисија потпишала втор договор за уште 200 милиони дози оваа година.

Вкупно Европската Комисија има портфолио од 2,6 милијарди дози од повеќе фармацевтски компании.