Швајцарците (кои на ова Светско првенство беа втора замена после Македонија) во групата „3“ забележаа голема победа остварена над Исланд (20:18). Во победничките редови Шмид беше прв стрелец со шест, а со четири Гудмундсон кај поразените.

Во истата група Франција нешто потешко од очекувањата славеше против Алжир (29:26), но со новите бодови сериозно се кандидира за една од првите две позиции кои водат во четвртфиналето.

Кај „триколорите“ по четири голови имаа Фабрегас, Мае и Мем, а за африканскиот претставник седум погодоци запиша Беркус, додека Абди еден помалку.

На табелата пред вечерашниот дуел од 20.30 часот помеѓу Португалија и Норвешка, водат Французите со шест бодови, пред Португалците кои имаат четири, по два Исланд, Норвешка и Швајцарија, а последни се Алжирците без бодови.

Во групата „4“ каде што игра и македонската репрезентација, домаќинот Египет со 28:23 беше подобар од руската селекција која е нашиот следен ривал в петок. За Египќаните доминираше Шебиб со осум голови, колку што имаше и Косоротов на спротивната страна.

На табелата води Египет со четири бодови, колку што имаат уште Шведска и Словенија, следуваат Русите со три, Белорусија има еден, а последна е Македонија без бодови. Вечерва од 20.30 часот Швеѓаните ќе ги одмерат силите против Белорусите.