Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и на Албанија за формирање заеднички гранични точки според концептот за заеднички гранични контроли денеска беше утврден на владина седница. За да ја пренесат оваа вест на граничниот премин Ќафасан денеска присуствуваа директорите на Царинските управи на двете земји, кои велат дека со концептот на заеднички гранични контроли и поедноставени процедури на еден граничен пункт, ќе се постигне побрз и поефикасен проток на луѓе и роба.

„Со гранична формалност тоа ќе биде само едно застанување кое ќе биде олеснување на трговијата и транспортот и побрз транспорт на патниците. Со реализацијата на „Едношалтерската станица“ на оваа гранична точка Поставена е приоритетна лента и за тешки возила од земјите од Западен Балкан за стоки што минуваат низ зелените коридори како и за компании кои имаат сертификат за економски оператор од Македонија, Албанија и Србија“, вели Стефан Богоев, пренесува ТВ 21.

Директорот на Царинската управа на Албанија вели дека проектот „One Stop Shop” ќе ги подобри бизнис релациите помеѓу двете држави.

„Ние сме на царината на Ќафе Тана за еден многу важен проект кој е „One Stop Shop“ кој ќе го подобри животот и бизнисот не само на Албанија и Северна Македонија, туку и на целата регион”, истакна Генти Гажели.

Инаку, освен ова владата на денешната седница го утврди и текстот на предлог-законот за ратификација на Договорот за воена финансиска соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Турција, како и текстот на предлог-законот за ратификација на Меморандумот на Разбирање за олеснување на патниот транспорт на стоки во регионот на Организацијата за црноморска економска соработка.