Пишува:  Слободанка Здравева

Деновиве сме сведоци на протести во Тетово во заштита на докторот во модуларната болница кој некако се најде меѓу обвинетите за целиот случај.

Протестите се за поддршка на докторот кој најмалку е одговорен за тоа како се изградени болниците и кој треба да биде сместен во нив. Овој случај отвори многу дилеми во јавноста. Дали и зошто некогаш одиме во екстреми кога случајот е повеќе од јасен? Дали и зошто не знаеме да процениме што треба, а што не треба да се направи. Во Тетово е јасно дека докторот е колатерална штета, но прашање е дали тој доктор по цела оваа тортура ќе остане во Македонија или ќе замине како и сите останати. Останавме без доктори, а не извлековме ни поуки од ковид кризата. Јасно е дека имавме голема криза. Јасно е дека преку ноќ во Македонија мораше да се менуваат правилата, процесите и протоколите за обезбедување на здравствени услуги преку нови упатства, препораки зад кои стоеше национална комисија при Министерството за здравство. Јасно ни е на сите дека капацитетите на инфективните клиники беа во вонредна состојба преполни со пациенти, а кревет повеќе се бараше и во приватното здравство. И повеќе од очигледно беше дека на дневно ниво имавме огромен број на  новозаразени, но за жал и голем број на починати. И сите знаевме дека ова што се случува кај нас е во сите земји во светот.

Од ова искуство учиме сѐ уште лекции, но никако да ја научиме лекцијата дека здравствените работници не се за еднократна употреба – тие ни требаат и секако ќе ни требаат во иднина. Многу јасно е дека најдобро сценарио е да не се повторат ваков тип на кризи никогаш и да имаме добар систем што ќе одговори ако се случи ваква здравствена криза. Една од лекциите вели дека мора да работиме на механизми за зајакнување на медицинскиот персонал и нивна заштита во однос на потенцијална одговорност во услови на вонредна ситуација.

Се разбира за жал никогаш нема да имаме валидни податоци за тоа дали реакцијата на здравствените работници за време на пандемијата овозможи висококвалитетна грижа за пациентите или пак лекарите беа воздржани во нивната работа.

Сведоци бевме на различни реакции за време на пандемијата имавме и херои имавме и губитници, но целта на овој текст не е да ги бараме истите, идејата е да видиме како реагираше светот и што можеме ние да научиме од тоа.

Во САД постоеја интервенции на национално ниво и тоа е одличен пример што може да се копира за да се помогне на Македонија за да има подобри протоколи за подобра грижа за пациентите. Во текот на пандемијата, претседателот на САД, Доналд Трамп го потпиша и стави на сила Законот за помош, економска безбедност од ковид вирусот. Уште во текот на ширењето на вирусот во САД е направена проценка дека е потребна дополнителна заштита од одговорност на медицинскиот персонал, и следствено на тоа со овој закон се обезбеди дополнителна заштита на здравствените работници за време на одговор за итни случаи на ковид – 19.

Според законското решение лекарите и останатите здравствени работници кои обезбедуваат медицински услуги во време на вонредна состојба нема да сносат одговорност за услуги кои се однесуваат на дијагноза, превенција или третман на ковид-19. Американците сепак не утврдиле дека треба да постои амнестија целосна, според актот постојат исклучоци кои се однесувале на груба небрежност, недолично однесување или на пример давање на медицинска услуга во алкохолизирана состојба.

Ова законско решение им овозможува поголема флексибилност на медицинските професионалци во САД во време на ковид да го достават најдобриот можен одговор во грижа на пациенти.

остојат и други држави во кои се уредени со разлилни правни акти, заштитата од одговорност на лекари кои обезбедуваат нега во итен случај.  Интересно е дека во над 50 земји се обезбедува имунитет според таканаречен статут на добар Самарјанин, на лиценцирани лекари кои дејствуваат со добра волја и обезбедуваат нега на место на одредена несреќа.

Исто така во САД постои и таканаречен Закон за волонтерски здравствени лекари за итни случаи, кој им дава имунитет на граѓанска одговорност на лиценцирани здравствени работници кои обезбедуваа грижа за пациенти во услови на прогласена вонредна состојба.

За време на пандемијата клучниот потег го направи сепак тогашниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, кој издаде извршна наредба со која ја прошири заштитата од одговорност на лекарите и другите здравствени работници и им обезбеди широк граѓански имунитет за каква било повреда или смрт за која се тврди дека била предизвикана директно како резултат на пропуст од медицински професионалец во текот на обезбедување на услуги во време на ковид -19, освен ако не се утрвди дека истата била предизвикана од грубо невнимание.

Оваа извршна нареба се разбира имаше времена важност.

Критична е одлуката за држава Њујорк да ја имплементира извршната наредба во добриот одговор на здравствените професионалци со справување со пандемијата, бидејќи истата им овозможила на лекарите и останатиот персонал да ги имплементираат неопходните услуги кои би биле специфични во нормални услови, ова го велат правните експерти во САД (Medical malpractice attorney Tom Benvenuto, J.D., of Benvenuto & Slattery).

Здравствените работници во Македонија работеа за време на пандемијата во вонредни услови, или да се изразам со познатото клише беа во првите борбени редови. Нивната заштита од формален правен аспект требаше и треба да биде неминовна.

Враќање во нормалноста, или никогаш и не излеговме од истата.

Гледавме на почетокот на пандемијата борби за набавки на респиратори очекувајќи дека тоа е магијата, на големо почнавме да употребуваме и антиретро вирусни терапии, а некаде на средината се прошири и информација дека лек наменет за коњи е магијата.

Се ова беше нормално и како што констатиравме на почетокот се треба да биде научена лекција за во случај ако се повтори одговорот на државата да биде најдобар што може односно пациентите да добијат врвна нега и грижа.

На крајот на краиштата што би рекле американците кои често ги цитиравме – Business as usual. Ова за нас не треба да биде бизнис, туку стратешка одлука – без доктори не можеме, бидејќи се помалку ги имаме.

Слободанка Здравева

Авторката е по потекло Македонка која живее и работи во Германија и се занимава со менаџмент на здравствена заштита, квалитет на здравствена заштита и безбедност на пациентите. Поседува големо клиничко искуство во комбинација со раководството на персоналот за надзор на администрацијата, управувањето со квалитетот и безбедноста на пациентите. Моментално е ангажирана како консултант за квалитет на болничка нега и здравствената заштита во EUROPE – KTQ INTERNATIONAL во Германија каде со консултации, едукација и техничка помош за болниците и другите здравствени организации помага при исполнување на регулаторните барања и подобрување на резултатите од грижата за пациентите.

Превземено од Мкд.мк