Австралиската телевизија Ес-би-ес потврдила дека нивната претставничка Монтењ и останатата австралиска делегација нема да можат да отпатуваат во Холандија на Евросонг 2021 година, па затоа ќе се натпреваруваат од дома, користејќи ја нивната изведба во живо на лента.

– По сеопфатните проценки, Ес-би-ес одлучи оваа година да не ја испрати австралиската делегација и пејачката Монтењ во Ротердам на Евровизија. Тие дојдоа до оваа тешка одлука откако ги разгледаа сите предизвици на пандемијата, вклучувајќи ги и факторите што би можеле да претставуваат проблем во текот на патувањето од или во Австралија – рекол шефот на австралиската делегација, Џош Мартин.

За целата ситуација се огласила и пејачката.

– Секако дека сум тажна, бидејќи две години по ред не добив шанса во живо да настапам на евровизиската сцена. И покрај тоа разочарување, сѐ уште сметам дека е огромна привилегија да се биде еден од натпреварувачите. Со нетрпение чекам публиката да го види мојот перформанс во живо на лента, кој дури ниту пандемијата не може да го запре – рекла таа.

За потсетување, секоја земја што се натпреварува на овогодинешниот Евросонг мораше до организаторите да го достави својот резервен настап во случај на спреченост за доаѓање во Ротердам. Настапите се снимени во живо и служат како осигурување дека на ниту една земја нема да ѝ биде ускратено учеството на натпреварот ако мерките заради пандемијата на коронавирусот го искомплицираат патувањето во Холандија.