Еден македонски и еден црногорски хеликоптер попладнево ќе го гасат пожарот во Општина Сарај кај селата Раовиќ и Буковиќ иако веќе е локализиран во делот на селото Раовиќ.
-Дел од пожарот во село Раовиќ во Општина Сарај е локализиран, но на потегот село Буковиќ, село Чајлане кон Матка се уште е активен. Во попладневните часови на овој пожар ќе се интервенира и од воздух со 26 луѓе од Воздухопловниот винг со еден македонски армиски хеликоптер и еден хеликоптер на Република Црна Гора, информира Надица В’чкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) на попладневната прес-конференција во ЦУК.
Таа нагласи дека пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп е активен но е со слаб интензитет.
-Пожарот е на непристапен терен и станува збор за приземен пожар каде гори лисната постилка и сува трева. Во високиот дел има чадење, но во овој момент не постои опасност за проширување. Во моментов на овој пожар интервенираат екипи од прилепската локална самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување и екипи на МВР од Прилеп и Битола, прецизира В’чкова.
Реактивиран е, додаде, и пожарот над село Безгаштево помеѓу Берово и Струмица накај село Нивичани на браната Турија. Утре рано изутрина, како што кажа, ќе се преземат активности за негово локализирање, бидејќи се работи за тешкопристапен терен на кој е потребно повеќе од три часа да се стигне до локацијата.
-Пожарот во атарот на демиркапиското село Барово е веќе ставен под контрола иако во внатрешноста на опожареното подрачје се уште постојат поедини места каде што се забележува чадење, рече В’чкова.
Нагласи дека човечкиот фактор е најчеста причина за избувнувањето на пожарите на отворен простор низ земјава, било да станува збор за намерно или ненамерно потпалување.
-За превенција и откривање на сторителите и спречување на подметнување на пожари на отворен простор МВР засилено настапува на терен и има ангажирано преку 600 полициски службеници. Досега во гасењето на пожарите учествуваа полициски службеници од специјалните единици, а беше ангажиран и хеликоптер на МВР, потенцира В’чкова.