Екипата на Далас триумфираше над Јута со 111:101 во првиот претсезонски натпревар, предводен од Словенецот Лука Дончиќ со 19 поени, шест скокови и пет асистенции.

Во интервју за официјалниот сајт на НБА лигата, Дончиќ по натпреварот говореше за своите амбиции во претстојната сезона, откривајќи дека приоритетна цел му е да ја освои со Далас шампионската титула.

-Мојата цел не се менува, секогаш е иста. Сакам да бидам НБА првак, но знам дека тоа не е само мојата цел, туку веројатно на секој играч пред стартот на нова сезона. Целта е таа, а ќе видиме како ќе се одвиваат работите, изјави Дончиќ.

Тој во дел од разговорот се наврати на летниот период кога комплетното раководство на Далас дојде во Словенија на потпишувањето на новиот петгодишен договор со Дончиќ.

-Бев многу среќен поради тоа. Словенија не е така блиску до Соединетите Американски држави и тоа беше исклучителен момент за мене. Бев почестен со нивното доаѓање во мојата татковина, изјави Дончиќ. (МИА)