Далас загуби на стартот на сезоната во НБА-лигата и покрај одличната игра на својата прва ѕвезда Лука Дончиќ.

Словенецот постигна 32 поени имаше и неколку фантастични потези за време на дуелот со Феникс, но на крајот Санс славеа со 106-102. Девин Букер со 22 поени најмногу се истакна во редовите на домашниот тим.

Крајно возбудливо беше и на дуелот помеѓу Денвер и Сакраменто, кој гостите го добија со 122-124 и тоа во последната секунда од продолжението. Никола Јокиќ имаше трипл-дабл со 29 поени, 15 скока и 14 асистенции, но во финишот од средбата беше трагичар. Харисон Барнс му ја украде топката на Србинот на 2,6 секунди до крајот и го промаши својот обид, но тука беше Бади Хилд со одбојкарски потег да ја смести топката во кошот за победа на Кингс.

Дербито на Источната коференција, Селтикс со минимални 122-121 го совладаа Милвоки. Трагичар за Бакс беше МВП-то од минатата сезона Јанис Адетокумпо, кој го промаши второто слободно фрлање на само 0,4 секунди до крајот. Во претходниот напад, Џејсон Тејтум постигна клучна тројка, која се покажа како победничка на крајот.

Во својот прв натпревар за Вашингтон, Расел Вестбрук стигна до трипл-дабл од 21 поен, 11 скока и 15 асистенции, но Визардс загубија од Филаделфија со 113-107. Кај Сиксерс најдобар беше Жоел Ембид со 29 поени и 14 скока.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Кливленд – Шарлот 121-114
Индијана – Њујорк 121-107
Орландо – Мајами 113-107
Торонто – Њу Орлеанс 99-113
Чикаго – Атланта 104-124
Мемфис – Сан Антонио 119-131
Минесота – Детроит 111-101
Портланд – Јута 100-120