Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, придружуван од високата делегација на Северна Македонија, денеска беше во посета на албанската државна полиција.

Тасевски со делегацијата оствари средба со генералниот директор на државната полиција, Гладис Нано и неговите соработници, откако претходно имаа средба во четири очи.

На официјалната средба меѓу двете делегации се разговараше за продлабочување на соработка меѓу двете земји, во борбата против организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и тероризмот.

– Нашата соработка е блиска, како за оперативни прашања, така и за други елементи на заедничката борба против криминалот, така што оваа средба само дополнително ќе ја зајакне. Во нашата мисија на чело на полициите на двете земји, делиме исти аспирации и цели, како што се бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупцијата, тешките криминали, тероризмот и перењето пари, кои се многу важни показатели за безбедноста на земјите, изјавил Нано.

Како што информираат од Кабинетот на Нано, тој додал дека обемот на различни криминални активности во некои земји или присуството на сторителите во некои земји ги оптоварува со одговорноста да ја продолжат соработката.

– Наша одговорност е да соработуваме понатаму и поблиску, да гарантираме ред и безбедност за нашите граѓани, преку размена на информации во реално време и да имаме сериозна гранична полициска служба со интегритет. Уверен сум дека имаме волја да го направиме тоа, посочил тој.

Директорот Тасевски најпрво се заблагодарил за гостопримството од, како што рекол, граничниот премин до Тирана. Додал дека неговата денешна посета јасно ги покажува одличните односи меѓу „двете полициски сили на нашите држави и подготвеноста да продолжиме со нашата билатерална соработка по оперативни прашања“.

– Оваа клима на соработка е клучен елемент за гарантирање на јавниот ред и безбедност во двете наши земји и исто така не мотивира да работиме заедно, уште повеќе, на прашања како што се борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, кои се заеднички приоритети. Во иднина нашата соработка ќе се интензивира во насока на заеднички оперативни и истражни дејствија, за меѓународни прашања како тероризмот, борбата против организираниот криминал и перењето пари. Нашата работа и соработка ќе продолжи и ќе се зајакнува не само во насока на борба против криминалните појави, туку и за нивно спречување, рекол Тасевски.

Високата делегација на полицијата на Северна Македонија ќе ги посети специјалниот оддел РЕНЕА и пристаништето во Драч.