Во заедничка акција на албанската полиција и Интерпол, лицето одговорно за упадот во домот на Карим Бензема пред три години, во февруари 2019 година, кога се играше „Ел Класико“ во кој Барселона го победи Реал Мадрид со 3:0 на „Сантијаго Бернабеу“, е  уапсено, пишуваат албанските медиуми.

Станува збор за висок функционер на албанската влада, Алфредо Продани, кој девет години е директор на јавниот водовод во регионот Курбин. Тој, наводно, е одговорен за упад во 40 други домови низ Шпанија.

Иако Продани ја негира одговорноста за злосторствата за кои се товари, шпанскиот весник „Ел Периодико“ пишува дека доказите се „убедливи“ и „дека не постои можност за грешка“.

Апсењето на Продани предизвика голем интерес кај албанската јавност.

„Го ограби Бензема и го поставија за директор. Ако го ограби Лионел Меси, ќе го постави за министер“, изјави Крешник Спахиу, лидер на политичката партија Црвено-црна алијанса.

Инаку, во јануари 2022 година повторно беше упаднато домот на францускиот напаѓач, кој тој ден играше првенствен натпревар против Елче.