Во 16 коло од најсилното шпанско првенство екипата на Хувентуд Бадалона загуби убедливо на домашен терен од Сан Пабло Бургос со резултат 78:95.

Иако доминираше домаќинот во првото полувреме, достигнувајќи и предност од „плус осум“ (16:8), на крајот гостите направија целосен пресврт, освојувајќи ги третата и последната четвртина со 18:31, односно 19:27.

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ во поразот беше меѓу единствените тројца во својата екипа кои беа „двоцифрени“.

Нашиот играч за нешто над 17 и пол минути игра на паркетот забележа 10 поени, две асистенции, два скока, а поефикасни беа А. Вентура со 13 поени и Ф. Басас со 11.

На табелата Хувентуд е на шестата позиција со 20 бодови, колку што има и Сан Пабло Бургос на петтата позиција. Следниот првенствен меч Димитријевиќ ќе го има во новата 2021 година, поточно на 4 јануари против Валенсија.