Бразилецот со шпански пасош денеска не се појави на тренингот на Атлетико Мадрид, а многу брзо потоа дојде потврда од самиот клуб дека ја прекинуваат соработката со напаѓачот.

Договорот е спогодбено раскинат и тоа на барање на Диего Коста кој сега е слободен во изборот на новиот клуб.
„Му се заблагодаруваме на посветеноста која ја покажуваше сите овие години и му посакуваме среќа во продолжение на неговата кариера“, објави Атлетико Мадрид, на официјалниот сајт.

Клубот појасни дека не сакаше да му стои на патот на фудбалерот кој со Атлетико Мадрид ја освои Ла Лига во 2014 година, кралскиот Куп во 2013 година и Лигата на Европа во 2018 година.

Како идна дестинација на Диего Коста се споменува Лондон и Арсенал кој е во потрага по искусен напаѓач, додека како негов наследник во Атлетико се споменува фудбалерот на Наполи, Аркадиуш Милик.