Во моментот решавачкиот чекор целосно е во РС Македонија. На прво место за да ги започнат преговорите за влез во ЕУ, тие треба да ги направат уставните измени. Очигледно е дека за нив тоа е тежок процес, дури би рекол болен во извесна смисла.Но тие треба да го направат, бидејќи тоа е во срцето на т.нар. европски компромис од минатата година врз оснос на францускиот предлог.Освен тоа таму има неколку други положби, што треба да се следат во текот на преговорите и тие се поврзани со почитувањето на граѓанските права на луѓето со бугарска самосвест. Ова го изјави премиерот на Бугарија академик Николај Денков во неговиот отчет во вид на интервју за првиот месец од работењето на новата бугарска влада, јавува порталот Трибуна.
Денков додава дека Бугарија ќе следи строго за исполнувањето на условите што се дел од т.нар. европски компромис.
„Од нив не се бара ништо повеќе. Прашањето е дали тие се подготвени да го поминат тој процес“, вели Денков.
Денков ја потсети бугарската јавност дека минатата година започнале преговори меѓу одделните ресори, но додава дека во моментот работата стагнира, токму поради застојот во другата насока, а имено гаранциите за правата на Бугарите во РС Македонија.
„Ние сме подготвени да ја продолжиме работата по коридорите, работата околу зголемувањето на трговската размена. Во културната и образовната размена има многу што можеме да го завршиме заедно, но без да се реши клучниот проблем, нема како да очекуваме многу сериозни резултати. Од наша страна ние сме отворени за се што е позитивно. Ќе продолжиме да инициираме некои нови нешта. Имаме идеи, но вистинскиот „слон во собата“ е моментот, кога тие ќе можат да ги прифатат измените во Уставот“, вели Денков.
Бугарскиот премиер одговори и на прашање поврзано со тоа дали ги слуша некои одредени пораки и гласови од Европа во однос на РС Македонија и дали истите го вознемируваат.
„Ги слушам. Јас разговарав со премиерот Шолц и му реков многу јасно, видете, мислам дека во извесна смисла се даваат погрешни сигнали кон РС Македонија. Имаме многу јасна основа на нашите односи и тоа е овој европски компромис. Секаков обид да се излезе од него, ќе му попречи на процесот. Затоа нека се вратиме на таа основа и да работиме заедно за нејзината реализација “, дециден е бугарскиот премиер академик Николај Денков.