Новата бугарска влада очекува Република Северна Македонија да ги прифати измените на нејзиниот Устав како што е договорено со европскиот компромис постигнат во 2022 година.

„Какви и напори да вложиме за позитивен развој на билатералните односи, тие ќе останат на втор план или нема да се реализираат доколку не се реши соодветно прашањето за вклучување на Бугарите во основниот закон на Северна Македонија“, истакна бугарскиот премиер академик Николај Денков во телефонски разговор со својот колега од Северна Македонија Димитар Ковачевски, пренесува Трибуна.

Академик Денков ја потврди поддршката на Бугарија за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, вклучително и за Северна Македонија, бидејќи тоа е во интерес на сите. Се очекува Северна Македонија да постигне брз напредок во реформскиот процес и да ги исполни договорените услови усвоени со заклучоците на Советот на Европската унија во 2022 година, преговарачката рамка и билатералните протоколи на состаноците на Меѓувладината комисија од чл. 12 од Договорот за пријателство, соработка и добрососедство од 2017 година. Нашата земја е подготвена да работи заедно со својот сосед за исполнување на преземените обврски.

Во двете земји има сили кои не сакаат добрососедски односи и се обидуваат да поттикнат тензии. „Во оваа средина, бугарскиот кабинет ќе биде извор на мир. Но, важно е да нема инциденти во Северна Македонија, а и државата веднаш да реагира доколку дојде до тоа, за да докаже дека се грижи подеднакво за сите свои граѓани“, посочи академик Денков.

Двајцата премиери разговараа за можностите за зајакнување на позитивните аспекти во билатералните односи, вклучително и преку парламентарниот дијалог и секторската соработка.