Трите македонски претставници во новоформираната УЕФА Конференциска лига ќе ги играат првите средби од премиерното квалификациско коло.

Освојувачот на Купот на Македонија, Силекс од 16 часот на тренинг центарот на ФФМ „Петар Милошевски“ го пречекува молдавскиот тим на Петрокуб во првото квалификациско коло.

– Силекс оваа гoдина пред себе има цел да се врати во Првата лига, но и да има подолго европско лето. Нашиот противник Петрокуб е квалитетен тим кој четири сезони игра во ист состав со еден до двајца сега нови играчи. Оваа екипа последните сезони е сериозен конкурент на првакот Шериф и за шампионската титула – вели тренерот на Силекс, Горазд Михаилов.

Натпреварот ќе започне од 16 часот, термин во кој ќе старува и средбата во Летонија, каде дебитантот на европската сцена Струга Трим Лум ќе го игра својот меч против екипата на Лиепаја.

Во вечерниот термин од 20 часот на арената „Тодор Проевски“, ќе започне и дуелот меѓу Шкупи и косовскиот претставник Лапи.

Реванш средбите ќе се играат на 15 јули.

Потсетување дека прв на европската сцена од нашите претставници настапи тимот на Шкендија кој во мечот од првото квалификациско коло за Лигата на шампионите и тоа одигран во Скопје, загуби од словенечкиот претставник Мура со 0-1.