Претседателот на Србија Александар Вучиќ минатата недела даде наменско интервју за најгледаната македонска телевизија, во која централна тема беше францускиот предлог, со кој се симна бугарското вето и се отвара можноста Северна Македонија да ги започне преговорите за членство со Европската унија.

Интервјуто беше широко пренесено од македонските медиуми, меѓутоа речиси воопшто не беше коментирано бидејќи на македонскиот државен естраблишент не му се бендисаа пораките што доаѓаа од братска Србија.

Иако во интервјуто упорно повторуваше дека не сака да дели лекции на Македонците, Вучиќ многу јасно и со такт ги срочи критиките, предупредувањата и советите до македонскиот политички естаблишмент.

Во интервјуто Вучиќ пренесе непријатна критика за естаблишментот, не ширете хистерија. Треба со разум да се разгледа францускиот предлог бидејќи само со ладна глава може да процени што добиваш, а што губиш, ќе рече Вучиќ. Иако не го кажа гласно, тој меѓу редови предупреди дека опасноста да се губи е многу голема. Не го пропуштајте последниот европски воз, туку како дел од композицијата продолжете внатре да се борите за вашите интереси затоа што кога ќе се соочите со тешки предизвици не треба да се убиете, туку треба да ги решавате проблемите еден по еден сугерираше спрскиот претседател.

Тој тука се послужи и со примерот на Србија, која имала многу повеќе причини да одбие преговори со ЕУ поради барањето на Брисел да се нормализираат односите со Косово, која формулација сега станува недвосмилена дека се работи за признавање на Косово, откако Европскиот парламент минатата недела изгласа резолуцијата за таа цел.

Турција има замрзнати односи со ЕУ, но Ердоган не се осуди формално да се откаже од намерата за членство во ЕУ. И затоа Вучиќ меѓу редови сака да предупреди дека кога многу посилни земји како Турција и Србија не се решават да се конфонтираат отворено со ЕУ, тогаш што останува за многу слабата Северна Македонија.

Кога Србија, која за мнозинството македонски граѓани се смета како најпријателска земја ќе ви шлапне во лице некоја горка вистина, најмалку што можете да направите, ако не да се согласите, тогаш во најмала рака треба да ве натера да се преиспитате и работите да ги гледате од поинаква перспектива.

Советот на Вучиќ за противниците на предлогот, инсталирани во сите пори на македонското општетство, беше дека немаат алтернатива ако се откажат од членството во ЕУ и дека Отворен Балкан не може да биде земена за ЕУ.

„Добро е да бидете на европскиот пат, добро е да се отвораат можности за привлекување на инвестиции. Тоа е важно, тоа е добро“, им порача Вучиќ броејќи ги придобивките што Србија ги имаше од почетокот на преговори со ЕУ, како што се двојното зголемување на платите од 330 на 640 евра и привлекување на 62 отсто од вкупните инвестиции во земјите од Западен Балкан.

Нема сомнежа дека интервенцијата на Вучиќ во приказната со прифаќањето на францускиот предлог за македоските евроинтеграции е со ургенција од повисоката евро-американска политика со цел да се спаси ситуацијата во Северна Македонија, каде ситуацијата може да излезе од контрола со сериозни последици не само по земјата, туку и за целиот балкански регион, сред руска агресија во Украина.

Но вмешувањето на Вучиќ, не го потврдува само големото влијание на Србија врз македоснкиот државен естаблишмент, факт кој сега јавно се признава од актерите на меѓународнатга политика, туку ја демострира на дело и слабоста на македонското политичко водство, кое  во очите на евро-американските дипломати не покажува капицитет да се издигне над ситуацијата и мирно да го менаџира процесот.

И секако најважното прашање, дали интервјуто на Вучиќ е порака до македонските институции дека не може да се надеваат на подршка од Србија за одбивање на преговорачката рамка, која носи опасности за дестабиулизација во Северна Македонија и во регионото воопшто.

Не може да се исклучува целосно можноста Вучиќ да игра двојна игра,  едно да збори јавно, а други сигнали да праќа кон македонскиот естаблишмент бидејќи таквото однесување не му е несвојствено, да игра на две столици, ем со Запад, ем со Русија и Кина. Со тајно потикнување на македонските политичари да го одбијат предлогот, Вучиќ на ризик на туѓа земја, ќе сака да ги тестира црвените линии на Европската унија, за полесно да ги дефинира неговите политике во однос на се поголемиот притисок од ЕУ да ја признае независноста на Косово.

Гледано рационално, не треба да се исклучува ниту можноста Вучиќ искрено да се заложи за решавање на кризата во Северна Македонија оти секоја дестаблизиација во Скопје, ќе може да го дестаблизира целиот регион, а со тоа да се загрози и неговата апсолутна власт во Србија и мирното владеење.

Башка, улогата на миротворец на Балканот на Вучиќ многу ќе му користи поради неговото неславно минато, како министер за пропаганда во владата на Слободан Милошевиќ и како јастреб на радикалите на Шешел, кој за време на војната во Босна се закануваше дека за секој убиен Србин, ќе убијат сто муслимани.

Насер Селмани