Фотографија од Лионел Меси и Кристијано Роналдо како играат шах на багажник од Луј Витон го запали интернетот.

Двајцата фудбалери ја објавија фотографијата на своите Инстаграм профили, а на профилот на Кристијано Роналдо сликата за помалку од 15 часа собра неверојатни 29 милиони лајкови.

На Инстаграм на Меси сликата собра нешто повеќе од 23 милиони лајкови.

Иако поминаа помалку од 24 часа од нејзиното објавување, сликата веќе е на врвот на најлајкуваните фотографии во историјата на Инстаграм и моментално е на четвртото место.

Најлајкувана фотографија и понатаму е познатото јајце со 55,8 милиони лајкови, потоа сликата на Роналдо која најавува дека ќе има близнаци и последната објава на раперот xxxtentacion пред да биде застрелан.

Сликата е дел од кампањата на Луј Витон

Меси и Роналдо позираа заедно за реклама на Луј Витон, а сликата беше објавена еден ден пред почетокот на Светското првенство во Катар.

„Победата е состојба на умот“, стои во описот на фотографијата на официјалните профили на модниот бренд. Фотографијата ја направи познатата фотографка Ени Лејбовиц.

„Со долга традиција на правење футроли за најпосакуваните спортски трофеи во светот, нашата куќа слави двајца од најталентираните фудбалери на денешницата“, напиша Луј Витон.