Македонските кошаркарски репрезентативци го оставија зад себе вчерашниот пораз од Словачка во Левице и своите мисли ги насочија кон дуелот против Норвешка во Осло на кој недела ќе им биде потребна победа за да го задржат првото место во групата и да обезбедат пласман во главната фаза од квалификациите за место на Евробаскетот 2025.

“Сите овие случувања во Левице го оставаме зад нас. Впрочем и немаме многу време за анализа, уште помалку за одмор. Имаме и долг пат пред нас до Осло, изјави репрезентативниот центар Бојан Крстевски, ден откако Словачка ѝ го нанесе првиот пораз на македонската репрезентација во претквалификациската група Д (73-82).

Македонскиот состав на првиот дуел против Норвешка што се одигра во ноември лани во Гевгелија убедливо го совлада скандинавскиот противник со 58-36, а Крстевски е оптимист дека заедно со играчите можат да ја повторат доминантната игра на гостувањето во Осло.

“Би сакал да ја повториме доминантната игра против Норвешка од натпреварот во Гевгелија и да се радуваме на пласман во квалификациите. Мислам дека го заслужуваме тоа“, рече Крстевски во изјава за официјалниот сајт на КФСМ.

Прикажи повеќе