„Одговорно тврдам дека секој еден пациент во ковид центарот на нашата клиника беше третиран согласно состојбата и пропишаните индикациски подрачја за примена на хемофилтрација“, вели д-р Митрев во интервјуто дадено за порталот мкд.мк.

Во одговор на прашањето за употребата на методот на хемофилтрација во лечењето на пациенти со Ковид 19, докторот објаснува:

„Знам дека колегите мои кои ги прават во моментов анализите на случувањата кај нас, се врвни професионалци кои знаат дека нема никакво медицинско потрфлање во постапката. И, ако веќе се става под прашање употребата на хемофилтрација, не беше само нашата болница која ја употребуваше. Сега гледаме низ друга призма на работите. Сетете се како беше за време на ковид-19 пандемијата. Луѓето беа во паника, безнадежни, нѐ молеа за слободен кревет, кој некогаш го немавме. Се умираше насекаде по болниците. Секојдневно се објавуваа статистиките на починати пациенти. Беше страшно. Но оваа метода се користи и ќе се користи и понатаму за многу тешко болни. Затоа што нема друга можност кај пациенти на кои акутно ќе им откаже функцијата на бубрезите, пациенти со тешки пневмонии и сепси од најразличен причинител, бидејќи со оваа постапка се заменува бубрежната функција и со помош на оваа терапија се врши отстранување на сите токсични материи од крвта на човековиот организам“, објаснува д-р Митрев.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.