Компјутерската томографија на белите дробови, иако ја покажува засегнатоста од ковид-19 (97 отсто специфичност) на паренхимот на белите дробови, сепак, не е во прва линија на детекција на заболувањето.

Според мултицентрична студија во која се направени компјутерски томографии кај 101 пациент со позитивен ПЦР-тест за SARS-CoV 2 вирусот и позитивна клиничка слика од среден степен утврдена е точната дистрибуција на промените во белите дробови, кои настануваат како реакција на развивање на вирусна пневмонија.

Дистрибуцијата на промените не е високо специфична со оглед на тоа што на компјутерска томографија вирусните пневмонии се покажуваат во вид на зони на заматено стакло, периферно распоредени.

Направените компјутерски томографии кај пациентите позитивни на SARS-Cov2 во 86 отсто покажале зони на заматено стакло, додека 64 отсто покажале мешан наод со консолидации.
Зоните на заматено стакло претставуваат парцијално исполнување на воздушните простори на белодробен паренхим со погуста течност, задебелување на самото интерстицијално ткиво и колапс на алвеолите.

Промените се во 87 отсто со периферна дистрибуција, а во 82 отсто со зафаќање на двете белодробни крила.

Според последните препораки на мултинационалниот консензус публицирани на 07.04.2020 година на pubs.rsna.org во журналот за радиологија, постојат три сценарија кога треба да се прави рентгенграфија на бели дробови, а кога компјутерска томографија. Целта е да не се губи скапоцено време за пациентите, да се намали ризикот за ширење на инфекција преку вентилациските системи и обезбедување на воздух, доколку е заеднички за болничките установи со рентгенолошките одделенија.

Главните препораки се:

1. Радиолошки испитувања не се индицирани кај пациенти со лесна клиничка слика, со исклучок на оние кај кои се очекува прогресија на заболувањето и се со други хронични заболувања.
2. Секогаш се пристапува прво кон рентгенграфија, а потоа компјутерска томографија, доколку е потребна кај пациенти кои покажуваат влошување на респираторен статус.
3. Радиолошки испитувања се прават кај пациенти кои се со средна до тешка клиничка слика позитивни на SARS-CoV 2. Доколку рентгенграфијата е позитивна и со типичен наод за ковид-19 не се продолжува со компјутерска томографија.