Италијанец кој живеел сам на островот 32 години бил принуден да го напушти поради притисок од властите.

81-годишниот Мауро Моранди пристигнал на островот Будели во 1989 година, но сопствениците на островот минатата година одлучиле дека тој мора да замине од островот кој е познат по својата розова плажа.

Заминувам со надеж дека Будели ќе биде заштитен во иднина, како што го штитев цели 32 години“, напиша Моранди на „Фејсбук“

Поранешниот наставник по физичко образование дошол на островот во 1989 година.

Ми здосади од многу работи во врска со нашето општество како консумеризмот и политичката ситуација во Италија… Одлучив да се преселам на пуст остров во Полинезија, далеку од целата цивилизација. Сакав да започнам нов живот и да бидам поблиску до природата“, изјавил Моранди за „Би-Би-Си“.

Откако го започнале патувањето по море со група пријатели, тој пристигнал на италијанскиот архипелаг Ла Мадалена, каде што планирал да работи и да заработи пари за да го финансира своето патување.

Но, откако пристигнал на Будели и се сретна со чуварот на островот, кој бил пред пензија, господинот Моранди решил да остане – и оттогаш останал таму, грижејќи се за островот и зборувајќи со туристите.

Петиција со која се повикува италијанската влада да му дозволи да остане на островот, собра повеќе од 71, 900 потписи.

Во неделата, г-дин Моранди ја објави својата одлука да замине, велејќи дека ќе се пресели во мал стан на блискиот остров Ла Мадалена.

Мојот живот нема да се промени премногу, сепак ќе го гледам морето“, изјавил тој.