Фармацевтската компанија со седиште во Мајнц, „БиоНТек“, која ја разви вакцината против коронавирусот, заедно со американскиот гигант „Фајзер“, соопшти дека во 2020 година направила приходи од 270,5 милиони евра, само од вакцината против Ковид-19, јави ДПА.

-Минатата, 2020 година, беше трансформациска година за „БиоНТек“, со развојот и одобрувањето на првиот лек за mRNA во историјата, изјави Угур Сахин, ко-основач и главен извршен директор на компанијата.

Заклучно со март 2021 година, наведе Сахин, компанијата, заедно со партнерите, испорачала повеќе од 200 милиони дози од нивната вакцина, во повеќе од 65 земји и региони од светот.

-Кај повеќето земји веќе ги гледаме првите знаци на намалување на случаите на Ковид-19 и смртноста поврзана со вакцините, додаде Сахин.

Германската компанија, основана од сопружниците Угур Сахин и Озлем Туречи, исто така, соопшти дека планира да го зголеми производството на вакцината против коронавирус од два на 2,5 милијарди дози до крајот на годината.

„Зголемувањето главно беше овозможено со подобрените производствени процеси, пуштање во употреба на производствениот капацитет на „БиоНТек“ во Марбург … и проширување на нашата мрежа на производители и добавувачи“, соопшти компанијата, пренесе ДПА.

Веста доаѓа само неколку дена откако Европската агенција за лекови (ЕМА) ги олесни условите за транспорт и складирање на вакцината за коронавирус на „БиоНТек“. (МИА)