Бугарскиот министер за здравство, Стојчо Кацаров, најави дека од четврток, 21 октомври, во земјата ќе се воведат нови антиепидемиолошки правила во борбата против епидемијата на коронавирусот. За сите собири со луѓе во затворен простор ќе биде потребен сертификат за вакцинација, доказ за прележана болест или негативен ПЦР тест.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, за посети на кина, театри, галерии, трговски центри, хотели, базени, фитнес центри и спортски сали ќе биде потребен зелен сертификат.

-Сите бизниси кои не сакаат да го прифатат овој метод, едноставно нема да работат, рече министерот Кацаров.

Според новите правила, и рестораните и хотелите – како и посетителите и персоналот мора да имаат зелен сертификат. Нема да биде потребен таков сертификат за самопослугите, банките и аптеките. Сертификатите стануваат задолжителни за вработените во домовите за стари лица, центрите за дијализа и болниците во Бугарија.

Дефинирани се новите критериуми за морбидитет, што ќе се користат за да се одлучи дали учениците ќе одат на онлајн настава. Општините во Бугарија ќе можат сами да одлучат дали ќе преминат на онлајн настава.

Министерот Кацаров најави дека покрај тоа што ќе се контролираат местата, ќе се контролираат и лабораториите што издаваат потврди за вакцинација.

-Доколку се најде лажен сертификат, ќе ја одземеме лиценцата за лабораторијата што ја издала, рече бугарскиот министер за здравство.

Секој може да се здобие со зелен сертификат доколку не е вакциниран или не направил ПЦР тест со антиген, што ќе биди бесплатен. Сертификат не е потребен за деца под 12 -годишна возраст. Кацаров ги повика граѓаните во земјата повеќе да ги користат онлајн услугите и да намалат одењето во администрациите.