-Ќе ја поддржам иницијативата за подигање спомен плоча на Гоце Делчев во селото Баница во денешна Грција по повод 120-годишнината од неговото убиство, што ќе се случи во 2023 година.

Ова го изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев како одговор на прашање од бугарската агенција БГНЕС дали во селото Баница ќе биде поставена спомен плоча на Гоце Делчев.

-Бугарија и Грција ги оставија настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратешко партнерство и разбирање, рече и шефот на бугарската држава.

-Не гледам проблем. Грција, која е суверена држава, и се грижи за спомениците на нејзината територија, треба да даде можност за таков споменик, особено што Гоце Делчев е бранител на слободата на сите луѓе, без разлика во која земја живееле, рече Радев.

-За мене иднината на светот е како територија за културна соработка, ги цитираше шефот на државата зборовите на Гоце Делчев и посочи дека токму тоа го прават денеска со Република Грција.

Доколку има барање за поставување спомен плоча на Гоце Делчев во село Баница, надлежните органи ќе го разгледаат. Ова го изјави за БГНЕС грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.