Без правно обврзувачки договор, ќе има целосен реципроцитет кон Србија. Ова го изјави косовскиот премиер Албин Курти еден ден по постигнатиот договор за патните исправи, на состанокот на генералниот совет на Движењето Самоопределување .

„Сакаме да има нормализација и тоа ќе го направиме преку меѓународно и правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите со взаемно признавање во суштината. На последниот состанок во Брисел презентирав генерална рамка, со 6 поглавја, со многу елементи, изразувајќи волја и подготвеност да се среќаваме уште почесто со цел финализирање на овој договор, но во отсуство на договор ќе има целосен реципроцитет кој постепено ќе се воспоставува“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Зборувајќи за меѓународната соработка и политичкиот консензус на Косово, Курти најави средба со лидерите на опозицијата за да ги информира за деталите.

„Ние сме за дијалог со принципи и транспарентен процес, затоа и денеска испратив покана до тројцата лидери на опозицијата да ги информираме и да разговараме за последната средба што ја имаме во Брисел и предизвиците со кои се соочува нашата земја“, додаде тој.

Но, официјален Белград проценува дека додека не се постигне договор за регистарските табли, од 1 септември сите државни капацитети ќе бидат подготвени за да се обезбеди стабилност на северот на Косово.

„Немаме договор за регистарски таблички, што значи дека од 1 септември влегуваме во страшен период на нестабилност. Не знаеме што ќе прават политичарите на Косово со Албин Курти на чело. Неколку пати докажаа колку се неодговорни, колку не се грижат за мирот и стабилноста. Оваа нестабилност ќе трае до 31 октомври. Дотогаш Курти рече дека секој што влегува на територијата на Косово од српската држава треба да ги смени таблите издадени од властите во Приштина. Остануваме на ставот дека табличките со КМ треба да останат и не се двоумиме од ова. Понудивме компромис за неутралните регистерски таблички КС, но тие одбија“, рече Ана Брнабиќ, премиер на Србија.

Се проценува дека 10.000 регистарски таблички со акронимите на косовските градови – како што се ПЗ, КМ, ПР, УР и слично – се движат на северот населен со мнозинство Срби. Владата тврди дека граѓаните кои имаат таблички издадени од Србија, ќе имаат рок од два месеци да ги пререгистрираат своите автомобили со регистарски таблички РКС-Република Косово./Alsat.mk

Адријан Керими