Најново истражување на Здравствениот институт на Англија покажало дека вакцините на компаниите „Фајзер“ и „АстраЗенека“ се ефикасни во заштитата на луѓето од индиската мутација на корона вирусот.

Анализата спроведена во периодот од 5 април и 16 мај покажало дека вакцините на „Фајзер“ се 88 проценти ефикасни во случај на индискиот вид корона вирус две недели по земањето на втората доза. Од друга страна, против британскиот вид корона вирусот, вакцините на „Фајзер“ покажале ефикасност од 93 проценти.

Научниците ја испитале и ефикасноста на вакцината на „АстраЗенека“ врз индискиот вид корона вирусот. Според студијата, „АстраЗенека“ покажала ефикасност од 60 проценти кога станува збор за индискиот вид корона вирусот, што е за шест проценти помалку од заштитата што вакцината ја обезбедува од британскиот вид.

Според британски „Гардијан“, причината поради која постои разлика во ефикасноста меѓу двете вакцини може да биде тоа што на вакцината на „АстраЗенека“ и треба малку подолг период за да достигне максимална ефикасност. Според научниците, , вакцината потоа обезбедува значително подолга заштита од корона вирусот.

Сега е сосема јасно зошто е важна втората доза на вакцината за да се обезбеди најсилна заштита од корона вирусот и сите негови варијанти – вели британскиот министер за здравство, Мет Хенкок.

Со оглед на заштитата што вакцините ја даваат од различни варијанти на корона вирусот, истражувачите истакнуваат дека очекуваат вакцината да достигне максимална ефикасност и кога станува збор за намалување на бројот на хоспитализации и смртни случаи.

Студијата покажа дека вакцините обезбедуваат високо ниво на заштита од симптоматски случаи на зараза со индиската мутација на корона вирусот. Очекуваме да обезбедат истата заштита со цел да се намали бројот на смртни случаи и хоспитализации поради зараза со коронавирусот – вели шефот на одделот за имунизација во Здравствениот институт на Англија.

Од почетокот на процесот на вакцинација во Англија, спроведени се неколку студии за анализа на ефикасноста на вакцините во борбата против корона вирусот.

Според овие податоци, програмата за вакцинација во Англија досега спречила повеќе од 13.000 смртни случаи од корона вирус, како и најмалку 39.100 хоспитализации, особено на постари лица.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.