Британските војници ќе започнат со испорака на гориво во наредните денови во обид да ги ублажат проблемите со снабдувањето со гориво, изјави британскиот министер за бизнис, енергија и индустриска стратегија Кваси Квартенг. Тој призна дека изминатите неколку дена, со сцени на долги редици пред бензинските пумпи „биле тешки“.

Advertisements

Сепак, тој негираше дека има криза во снабдувањето со гориво за Велика Британија и додаде дека ситуацијата се „стабилизира“. Околу 150 возачи од редовите на армијата се подготвени да возат цистерни со гориво.

На прашањето дали владата треба веднаш да ја ангажира војската, наместо да ја држи во состојба на готовност, Квартенг рече:

„Одлучивме да го сториме тоа и мислам дека во следните неколку дена луѓето ќе видат некои војници како управуваат со цистерните“, рече тој.

Нафтените компании предупредуваат дека немаат доволно возачи на камиони за испорака на бензин и дизел. Џонсон се обиде да ја смири нервозата во јавноста и рече дека снабдувањето е нормализирано. Во исто време, тој апелираше да не се купува панично гориво.

Во многу региони, стотици бензински станици се затворени, а возачите чекаат во редови за да ги наполнат резервоарите на своите возила.