Недостатокот на термини за дијагностички тестови, недостаток на терапија и долгото време на чекање за трансплантација се само дел од проблемите со кои се соочуваат пациентите со хепатит. Само во изминатата година во Македонија се дијагностицирани 83 нови случаи , од кои 43 со хепатит тип Б, чие лекување не е на позитивната листа на лекови. Здружението Хепар, кое ги штити правата на пациентите бара од здравствените власти поефикасен третман.
Лекарите бараат од Министерството за здравство, терапијата за Хепатит Б да се стави на позитивна листа, за ниту еден пациент да не остане без терапија.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, рече дека ажурирањето на позитивната листа на лекови е при крај, а наскоро се очекува меѓу другите терапии да има и терапија за лекување на Хепатит Б.
„Ажурирањето на позитивната листа е при крај. Очекуваме да се појават заинтересирани компании со цел да се заокружи процесот и верувам дека многу скоро овој проблем ќе биде надминат“, рече Меџити.
Карциномот на црниот дроб е единствениот за кој се врши трансплантација. Во моментов, листата на чекање за пациенти за трансплантација е 15.