Оригиналност, креативност и талент се зборовите со кои може да се опише нејзината работа и делата што ги создава со голема љубов кон сликањето на стакло.

По вокација е дипломиран агроном, а цела кариера професионално се занимава со новинарство. Но, љубовта кон уметноста и талентот за сликање се нешто кое Благородна Абрашева-Ноциќ го носи во себе одамна. Иако од хоби се занимава со тоа нејзините дела воодушевуваат со убавината и прецизноста во деталите што ги имаат и слободно можат да им парираат на дела од големи уметници, таа сепак скромно вели дека себеси не се смета за уметница, бидејќи е преголема титула за некој што без соодветно образование само од љубов се занимава со тоа.

– Сликам и цртам од секогаш. Само динамиката се менува. Повеќе кога ќе останев без работа, помалку кога бев ангажирана. Пред ова, експериментирав со акрил или мешани техники на платно. Но, сликањето на стакло страшно „ми легна“.

Фото: Приватна архива

О. Но, се пронајдовте во сликањето на стакло. Како започна оваа приказна?

– Сосема случајно. Откако се затвори „Теа модерна“, пред пет години, речиси сите се пријавивме во Агенцијата за вработување. А, таму го најдов токму она што ми требаше. Оваа институција со европски грантови организираше курсеви за сликање на стакло, изработување витраж, копаничарство, изработка на накит… Значи стари занаети или техники, од кои може да се научи нешто ново. Отсекогаш ме фасцинирал витражот, кој е исклучително тешка, но фрапантно живописна техника. За жал, бројот на ученици беше пополнет. Ама затоа сега сум горд сопственик на диплома за сликање на стакло, што ја доделува Здружението на занаетчии на Македонија.

Фото: Приватна архива

О. Каде ја пронаоѓате инспирацијата? Вистина ли е изреката дека во очите на уметникот сè е инспирација, а убавината е насекаде?

– Не сум сигурна дека можам да се наречам уметник, затоа што немам формално образование и некако мислам дека тоа е преголема „титула“ за мене. Но, прилично сум сигурна кога нешто ми се допаѓа. Убавината е релативна категорија, затоа што е различна за секого. Не е убаво она што е убаво, туку она што ни се бендисува. И да. Таа е насекаде околу нас, ама треба широко да ги отвориш очите за да ја видиш.

Фото: Приватна архива

О. Вашите слики воодушевуваат со деталите и со прецизноста со која се насликани. Колку време Ви е потребно од почетната идеја да стигнете до конечната реализација?

– Карактеристика на сликањето на стакло е во деталите. Оваа техника е најпогодна за минијатури, но ако сакаш да експериментираш, мора да знаеш дека ќе ти се расипуваат боите, ќе ги уништуваш четките и ќе пробуваш работи за кои те учеле дека не се дозволени! Начинот на изработка бара многу трпение, труд и прецизност. Бара и помал диоптер, ама на годините не им е баш гајле за ова. Контурите и бојата многу бргу се сушат, затоа грешките се непожелни, ама и неминовни. Времето зависи од тежината на мотивот. Некои слики може да се изработат за една недела, за други и еден месец е малку.

Фото: Приватна архива

О. Koлку сте самокритична кога сликате и дали некогаш Ви се случило некоја слика да остане недовршена или да заврши во отпад, затоа што не сте задоволна од текот на работата.

– За мене тоа е нормално. Кога не си задоволен со она што го гледаш, не продолжуваш понатаму. Ако тргнеш да поправаш, да бришеш со разредувач или алкохол, или најлошата варијанта да гребеш со шпакличе, крајниот резултат никогаш нема да биде оној посакуваниот. Лично, не гледам ништо страшно во ова. Напротив!

Фото: Приватна архива

О. Со кое свое дело најмногу се гордеете?

– Со сите што сум ги завршила. Како и во новинарството, откако ќе средиш и завршиш некој тежок текст или интервју, чувствуваш ослободување, олеснување и задоволство. Претпоставувам дека чувството е исто кај сите креативни дејности. Така е и во уметноста.

Фото: Приватна архива

О. Кој е Вашиот најголем критичар?

– Да не сум јас самата, речиси никој околу мене нема да ми каже дека нешто не „штима“. Некои работи може да ги види само авторот. Сите оние што нешто создаваат, најдобро знаат дали производот е добар, просечен, незадоволителен или одличен. Тоа е лично, интимно и непогрешливо чувство. На пример, секоја домаќинка знае кога манџата е екстра, а кога не баш јадлива.

Фото: Приватна архива

О. Дали е во план изложба, во скоро време?

– Имаше многу планови и обиди, арно ама, ова ковид-чудовиштето ги изеде сите. Изложба ќе биде неминовна, во оној момент кога ќе може да се гушнеме, да се смееме и да танцуваме, без страв дека нѐ демне невидливиот непријател. Токму тоа време вреди да се чека!