Мицкоски може да се коцка со сопствената, но не и со македонската иднина. Ние тоа нема да му го дозволиме, истакнува во објава на својот Фејсбук профил вицепремиерот за европски прашања и потпретседател на СДСМ Фатмир Битиќи, реагирајќи на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

-Тој, очигледно ја препознал подадената социјалдемократска рака и фатен во небрано пред одлуките кои мора да се донесат за нашиот европски пат, и по кој знае кој пат повторно условува. Претходно, други од надвор ни поставуваа услови. Сега, Мицкоски во име на ВМРО-ДПМНЕ им поставува услови на Владата и на македонските граѓани за да го поддржи европскиот пат на земјата. Тоа ли е патриотизам? Не, тоа е обид да се добере до власт, а после тоа да измислува нови услови и нови блокади. Затоа, ние сме внимателни, нема да му дозволиме да ни прокоцка европската шанса која му се нуди на нашиот народ, напиша Битиќи.

Тој во објавата посочува дека Северна Македонија има јасна, чиста европска шанса, а актуелните глобални текови создадоа услови проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан да биде скорешна реалност. Според него, тие процеси се очигледни и од збиднувањата во регионот.

– Наспроти сите обиди на проруските сили, Бугарија формираше политичка и проевропска Влада која негува проевропски вредности и тоа бездруго ќе се почувствува и во односите со Северна Македонија. Немоќен да види подалеку од хоризонтите на партиските и личните интереси, Мицкоски уште вели дека покрај сите гаранции од ЕУ ќе барал и економски пакет за земјата. Не знам дали не знае или лошо глуми дека не знае дека таков нов Економски план за Западен Балкан и за Северна Македонија којшто го објави претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен на ГЛОБСЕК во Братислава.

Пораките од новиот економски план се јасни: Надополнување на Уставот веднаш за економски раст веднаш бидејќи Северна Македонија во одредени области добива пристап до единствениот пазар на ЕУ од 500 милиони потрошувачи за македонските фирми што отвора дополнителни опции за нови инвестиции и производство во поголем обем, вели Битиќи.

Нагласува дека изолацијата (наместо интеграцијата) ќе не оддалечи од европската поддршка Северна Македонија да биде дел од европските политики за енергетска независност и трајна стабилност и ќе ни затвори и оддолжи пристапот до финансиските средства за големите европски транспортни патни и железнички коридори.

-Сето ова, и многу повеќе, Мицкоски може да го донесе до ризик со неговото одбивање влада на обединување, влада на интеграција. Мицкоски условува. Дали и ВМРО-ДПМНЕ условува? Има ли сила ВМРО-ДПМНЕ да се дигне над себе и да застане конечно контра условувањата односно ЗА македонската интеграција и за македонското членство во ЕУ?
ВМРО-ДПМНЕ да си одлучи, оти нашата одлука е јасна. Нема откажување ниту алтернатива за средби и за дијалог и во институциите, во Собранието особено, кога во прашање е шансата за победа за македонските граѓани, за нашата држава, вели вицепремиерот Битиќи.