Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски, денеска пред медиумите објави дека повторното воведување на евтина тарифа за електрична енергија е неизбежно во наредниот период затоа што цените на берзите во тој период се дури и негативни.

Евтината струја ќе се плаќа два часа во период кој допрва Регулаторот ќе треба да го утврди, но ќе биде помеѓу термините од 11.00 до 16.00 часот. Бислимовски откри дека операторот ЕВН Хоме ќе треба да излезе на самиот терен да внесува промени во броилата и да го измени билинг системот на наплата. Примената на евтината тарифа ќе започне кога ќе се завршат овие активности, а повеќе детали ќе бидат познати за десетина дена.

– Воведувањето на евтината тарифа е само следење на пазарот на електрична енергија, не само во Македонија, туку и во регионот. Нема никаква политика, единствена цел ни е во тој период, во тие два часа да испратиме сигнал – да се купува евтина електрична енергија од фотоволтаиците и за сметка на тоа да се заштеди водата како многу битен ресурс и исто така да се заштеди јагленот, рече првиот човек на РКЕ.

Според Бислимовски, хидроакумулацијата и јагленот треба да се штедат за зимно време и на тој начин да се намалат потребите од поскапа увозна струја.

Претседателот на РКЕ не очекува да има зголемување на цената на електричната енергија.