Зајакнување на билатералните односи и европската перспектива на Западен Балкан биле темите на агендата на денешната средба министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас и шефицата на албанската дипломатија Олта Џачка, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас на Твитер објави фотографии од средбата, напиша дека ја пречекал Џачка во грчкото МНР и ги спомена темите за кои разговарале, додека пак дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА посочиле дека министрите размениле мислења за дополнително продлабочување на односите во сите области, а станало збор и за прашањето за одредување на Ексклузивната економска зона меѓу двете земји во рамките на постигнатион начелниот  договор за конкретното прашање да се упатат до Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Според истите извори, „била разгледана европската перспектива на Западен Балкан, во пресрет на Самитот ЕУ- Западен Балкан, што ќе се одржи на 6 декември во Тирана“.

На Самитот, планирано е да присуствуваат грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и министерот за надворешни работи.