Вчера ги објавивме документите за „Иловица“. Се работи за две концесии. Потпишан во првата концесија е Зоран Ставрески, заменик претседател на Владата во тоа време. Во втората концесија е потпишан Никола Груевски, ваш поранешен претседател. Барање за спојување на концесии ставил на владина седница Никола Груевски во 2015 и 2016 година. Тоа беше објавено вчера. Зошто не излеговте на прес конференција да кажете дека не се точни овие информации?, рече денеска на собраниска седница министерот за економија Крешник Бектеши, обраќајќи му се пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ кој постави неколку прашања во врска со рудникот „Иловица – Штука“.
Бектеши повтори дека позитивни мислења за рудникот „Иловица“ дале и тогашниот министер за земјоделство Љупчо Димовски, како и министерот за транспорт и врски од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски. Во овој контекст Бектеши јавно праша, зошто Димовски и Мисајловски не се присутни на денешната седница за пратенички прашања.
-Ме чуди само еден факт, излегувате на говорница и имате страв да спомнувате имиња кои директно се поврзани со случајот „Иловица“. Најверојатно ве следат преку телевизија и имате страв од говорница да одите да седнете таму, случајно да не сте добиле порака за после да имате страв повторно да излезете. Ова ви го кажувам зашто и вашиот колега првично и вие сега повторно, кога ќе спомнете имиња, ќе ги спомнете сите – и Орце Камчев и Зоран Ставрески кој ви го напишал говорот од белата палата пошто тој ја дал концесијата, ќе го спомнете и Никола Груевски кој ја потпишал концесијата за експлоатација. Но, ако имате страв, тоа е ваша работа и тоа го приметуваат сите граѓани. Знам зошто не ги спомнувате, зашто ми изгледате како водоводна цевка и некој може да ви го запре вентилот, а вентилот ќе ви го запрат тие што досега дозволиле да тече вода, а во овој случај најверојатно течеле други работи до белата палата. Затоа ве молам, да бидеме искрени, концизни и да не покажуваме страв и недоверба, првично кон вашите колеги, зашто вие самите вака ја рушите вашата партија, истакна Бектеши.
Според него, вчера беа објавени сите документи за „Иловица“ – од првиот до последниот ден.
Зошто денеска не се дојдени Владо Мисајловски и Љупчо Димовски кога поставувате вакви прашања? Штом вие не сакате да кажете, ќе кажам јас, затоа што Димовски не е еднаш, не два пати, не три пати, туку повеќе од пет пати дал позитивно мислење за рудникот Иловица, а Мисајловски ваш потепретседтале во партијата дал позитивно мислење кога бил министер за транспорт и врски. Да не спомнувам и други ваши колеги кои работеле тогаш во тие институции и стојат зад „изготвил“, „одобрил“,… Ја кажувате тука невистината. Вчера се објавени сите документи – од првиот до последниот ден и да, стоиме на тоа како Влада ако не се зачуваат стандардите за заштита на животна средина, подвлече Бектеши.
Јаревски упати прашања во врска со „Иловица“ до премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерката Славица Грковска и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
-Зошто дозволивте спојување на концесиите, зошто не е раскината до тогаш концесијата, дали Дестани има поднесено студија за заштита на животната средина до Министертсвото?, беа само дел од прашањата на пратеникот од ВМРо-ДПМНЕ Јаревски.