Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој денеска ќе ја преземе функцијата, пристигна во Белата куќа со сопругата Меланија, каде ги пречека шефот на државата во заминување Џозеф Бајден и неговата сопруга Џил.

Пред традиционалната средба зад затворени врати, на чај и кафе, Џозеф и Џил Бајден ги пречекаа идниот претседател и првата дама на САД на црвен тепих украсен со злато, разменија поздрави и се фотографираа.

„Добредојдовте дома“, му рече Бајден на Трамп откако неговиот наследник во Белата куќа излезе од автомобилот.

Приватната средба меѓу претседателот во заминување и избраниот претседател е традиција во процесот на транзиција во САД, но таа не беше забележана пред четири години, кога Трамп одби да ја признае победата на Бајден на изборите во 2020 година и да присуствува на неговата инаугурација.

По средбата, Бајден и Трамп со своите сопруги ќе се упатат кон Конгресот на САД, каде церемонијата на инаугурација ќе започне во 12 часот по локално време (18 часот по средноевропско време).

Пред да пристигне во Белата куќа, Трамп присуствуваше на богослужба во епископска црква.

Пред пристигнувањето на Доналд и Меланија Трамп во Белата куќа, потпретседателката на САД во заминување Камала Харис го пречека новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс.

Ова досега не беше обичај, бидејќи само новоизбраниот претседател обично ја посетува Белата куќа на денот на инаугурацијата.

Харис и Венс, кои денеска исто така беа придружувани од нивните сопружници, досега не одржаа формална средба, бидејќи потпретседателот во заминување не го покани наследникот да ја посети официјалната резиденција.