Позади зградите „Џевахир“ во Аеродром на површина од 22 илјади метри квадратни ќе бидат изградени новата општинска зграда, мултимедијален центар и иновативен центар во кој младите ќе имаат можност да ги развиваат своите ИТ идеи и вештини.

Кандидатот за градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, кој е избран во првиот круг на неодамнешните локални избори, ветува дека новата општинска зграда ќе биде со истата квадратура како онаа што ја предвидуваше досегашниот градоначалник, но ќе чини двојно помалку. На местото во Реонскиот центар каде беше планирано да биде изградена општинската зграда, ќе биде направен парк на површина од пет илјади метри квадратни.

– Ако ја погледнете квадратурата и цената предвидена за тој објект, ќе видите дека цената е несразмерно висока земајќи ги предвид пазарните вредности за изградба на објект од таа големина. Дополнително, жителите кои живеат во Реонски центар не сакаат таму општинска зграда. Тој е дел од општината каде итно е потребен нов парк. Затоа ветивме дека на таа локација, жителите ќе добијат парк од пет илјади метри квадратни со специјални содржини. Тоа е наше предизборно ветување и така ќе го реализираме, изјави денеска Муцунски.

Мултимедијалниот центар планирано е да има кино, театар, читална, библиотека и се она што е потребно за развој на културата во општината.

Изградбата на иновативниот центар во Аеродром е заедничка заложба на општината и на кандидатката за градоначаник на Град Скопје, Данела Арсовска.

–  Заедничка заложба и на Градот и на општината е тука да биде изграден центар чија цел ќе биде градење на ИТ потенцијалите и кој ќе им овозможи на сите млади скопјани да имаат свој дом каде ќе може да работат на своите идеи. Ова ќе биде значајно решение за Град Скопје и верувам дека со оние средства кои беа планирани од градоначалникот во заминување за купување на луксузни канцеларии за него, сега дел ќе бидат наменети за ИТ хаб, изјави Арсовска.

На новинарско прашање дали ќе побара поддршка од кандидатот за градоначалник на Карпош од редовите на ГРОМ, Стевче Јакимовски и дали ќе му даде поддршка во вториот круг, Арсовска рече дека за неа најважна е поддршката од граѓаните без разлика на нивната политичка определба. Посочи дека ќе го поддржи сето она што е напредно и за подобра иднина на градот и на општините.

–  Поддржувам се она што е напредно и за подобра иднина на градот и на општините и верувам дека сите луѓе кои имаат коалициски капацитети и визија за подобро утре треба меѓусебно да си бидат поддршка. Затоа верувам дека Јакимовски, исто како и мене, ќе ги повика сите граѓани на неговата општина. Јас ги повикувам сите скопјани без разлика на политичка определба да ме поддржат во оваа трка за градоначалник, рече Арсовска.