Како волонтери на Црвениот крст денес ги посетивме силните жени кои се лекуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, на кои им посакуваме брзо закрепнување од тешката болест и долги години добро здравје, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
-Денеска на Меѓународниот ден на жената тука сме за поддршка на овие силни жени, со мал гест на внимание да им влееме дополнително доверба за надминување на болеста. Да се надминат здравствените потешкотии кои канцерот ги носи со себе е подеднакво тешко како физички така и психолошки.
Со жените кои се борат со канцер разговарав низ призма на сопствените искуства, познавајќи ја добро состојбата, во која се соочени со тежок предизвик во животот и се борат за надминување на болеста. Голема благодарност и до тимот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија кои секој ден даваат свој максимум за помош на лицата кои се лекуваат, пишува Арсовска на својот ФБ.