Данела Арсовска и Петре Шилегов влегуваат во втората трка за градоначалничката позиција на Скопје. Арсовска ги повика гласачите во вториот круг да излезат во што поголем број гласови, вели дека се радува што неколку кандидати од советничките листи на граѓанските иницијативи станаа дел од советите. Дали како кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води програмата на оваа партија за градот, вели дека нема намера да се бави со политика.

„Ве повикувам во вториот круг да излезете во уште поголем број. Јас од прв ден кажав, јас со политика немам намера да се бавам. Мене ме поддржаа над 20-ина политички субјекти меѓутоа, ме поддржаа и голем број граѓански движења, на невладини организации, на организации кои имаат релевантност во нашето општество, меѓутоа пред се сите овие луѓе кои што ме поддржаа се скопјани“, истакна Данела Арсовска.

Кандидатот од редовите на СДСМ и актуелен градоначалник Петре Шилегов е убеден дека разликата што ја има Арсовска ќе ја стигне во вториот круг и дека тој повторно ќе биде градоначалник.

„Ги повикувам сите граѓани кои од одредени причини не излегоа на гласање во вториот круг масовно да излезат и да гласаат. Јас сум убеден дека заради ова и дека заради поголемиот коалициски капацитет во вториот изборен круг ќе извојуваме голема победа. Како и секогаш се потпирам на гласовите на граѓаните“, истакна Петре Шилегов.

Вториот круг на локалните избори ќе се одржи за две недели односно на 31 овој месец во кој ќе се тркаат оние двајца кои во првиот круг освоија најмногу гласови.