Јапонските истражувачи откриле дека пиењето само две чаши традиционален кинески чај улонг секој ден ги забрзува процесите на согорување на маснотиите во организмот, и тоа додека спиете.

Во светот на чајот, улонг (oolong) веќе има „титула“ најдобар кандидат за согорување на маснотии, па затоа научниците одлучиле да го испитаат. Неговото официјално име на кинески е чај „ву-лонг“ (wu-long) каде што „ву“ значи црно, а „лонг“ – змеј.

Тој е полуферментиран, се наоѓа помеѓу неферментираниот зелен чај и ферментираниот црн чај (наречен црн на Запад, а црвен во Кина). Стапката на ферментација е од 8 до 70 отсто, во зависност од производителот.

Како и сите чаеви, улонгот содржи кофеин, кој влијае на метаболизмот на енергијата со зголемување на нашиот пулс. Сепак, студиите сугерираат дека консумирањето на чај може да го зголеми разградувањето на маснотиите, без оглед на ефектите на кофеинот.

Ефекти на согорување на маснотии преку ноќ

Затоа, научниците сакале да ги испитаат ефектите од консумирањето на улонг наспроти само кофеинот врз енергијата и метаболизмот на мастите кај групата здрави испитаници.

По две недели, истражувачите откриле дека чајот од улонг – кој е делумно оксидиран и не е целосно ниту зелен ниту црн чај, бидејќи ги има и двете својства, го зголемил разградувањето на маснотиите за 20 отсто во споредба со оние кои земале плацебо.

Уште поимпресивно е откритието дека позитивните ефекти на чајот од улонг врз телото се одржувале во текот на целата ноќ. Чудно е тоа што ниту групата што пиела улонг чај или чист кофеин во текот на тој двенеделен период не ја зголемила потрошувачката на енергија. Тоа значи дека учесниците можеби развиле толеранција на стимулативните ефекти на двата третмани.
Познато е дека чајот од улонг има многу придобивки, но 20-процентната разлика во согорувањето на мастите звучи навистина многу. Сепак, луѓето не треба да сметаат на ништо „чудесно“ кога ја губат телесната тежина, туку да се концентрираат на воведување поздрави навики на исхрана и живот.

Ефектите што ги имал чајот улонг врз распаѓањето на мастите за време на спиењето сугерираат дека чајот може да помогне во контролата на телесната тежина.