Фудбалерите на Реал Мадрид во неделата го победија најголемиот ривал Барселона, а по триумфот од 3-1, тренерот Карло Анчелоти посебно го пофали хрватскиот ветеран Лука Модриќ.

Стрелци за Реал Мадрид беа Бензема, Валверде и Родриго, а тимот на Карло Анчелоти успеа да запише 25 од можни 27 бода по девет одиграни натпревари во првенството.

“Против тим со квалитетот на Барселона треба да се игра комплетен натпревар, а ние успеавме да го направиме тоа и во напад и во одбрана. Тимот беше добар без топка, но и со неа – бевме сигурни. Стартот беше многу добар, поведовме и го контролиравме натпреварот“, изјави Карло Анчелоти по победата над Барселона.

Искусниот стручњак беше запрашан што е сменето во однос на последното „Ел Класико“ во кое Каталонците победија со убедливи 4-0.

„Претходно загубивме од Барса заради мои егзибиции … Се обидов да измислам нешто на тој натпревар. Не помина добро. Овојпат не измислив, сите играа на своите позиции и беа одлични во тоа. Модриќ беше спектакуларен во средината. Добро одигран натпревар што личи на кралски клуб“, изјави тренерот на Реал.

Во следното коло актуелниот шампион на Шпанија гостува кај Елче./Ekipa.mk/

Прикажи повеќе