Крајот на годината, секогаш ветува подобар почеток на следната. Годината во заминување беше исполнета со многу предизвици, ни донесе многу тага, но нѐ направи и многу среќни. Оваа година нѐ научи прво да се соочиме со себе, а поретко со другите. Бевме сведоци на полициски час, карантини, загубивме драги луѓе, но спознавме и научивме и многу нови работи.

Создадовме листа со нашите омилени јавни личности, ги контактиравме и им поставивме неколку навидум многу едноставни прашања. Но, одговорите беа тотално различни, искрени, особено љубовни и полни со нова надеж.

Една од омилените на нас, но и на многумина е нормално жената која со зборови прегрнува, таа која ни отвара нови видици, видици кон она наједноставното кое така лесно ни бега од очите, жената која го гали нашиот мозок со стихови и духот ни го просветлува тоа е Ана!

Фото: Приватна архива

Ана Бунтеска, македонска поетеса, жена, мајка… нашата хероина со чии стихови започнуваат нашите утра, стихови кои ни даваат поткрепа за целиот ден и стихови кои ја создаваат најпријатната атмосфера за добра ноќ. 

И поставивме три прашања, а нејзините одговори, очекувано, ни донесоа искуство повеќе… искуство кое сакаме да го понесеме со нас во новата година и да запомниме дека најважно, како што вели и таа самата, е да не забораваме на себе и грижата кон најблиските!

1. Што ја одбележа вашата 2020 година на личен план?

2020 не е година која ќе сакам да ја запаметам, а од друга страна заради условите успеав да завршам неколку проекти на кои работев. Веќе е спремна петтата книга поезија, колумните за 2019 и 2020 година, а на добар пат сум да финиширам уште 3 книги за деца. Сепак изолацијата успеа да ме научи на самодисциплина и истрајност.

Фото: Приватна архива

2. Што очекувате од новата 2021 година?

Единствено нешто што сакам и очекувам од и во 2021 е да си ги вратиме животите назад, секако со онаа мисла на која не треба да заборавиме, а тоа е дека без здравје нема ништо и дека сè е релативно. Се надевам дека во следнава година ќе имаме поголема свест за себе, околината и дека конечно ќе ја сфатиме неприкосновената вистина за тоа колку сме мали и неважни во споредба со природата.

3. Освен пораките за здравје, среќа и љубов во новата година, со кој збор, фраза, реченица…. лично Ана би се обидела да промени нешто или барем да им го стопли срцето на блиските?

Ви сакам пред сè здравје, ви сакам соништа кои ќе ги остварувате и не заборавајте на себе и грижата кон најблиските. Секогаш размислувајте позитивно и во насока на решавање на проблемите. Живели!

Фото: Приватна архива