Овие принципи се основа за градење професионална и политички неутрална администрација, каде политичките цели се исполнуваат преку активности на вработените во јавниот сектор под раководство на високите раководители, со што се овозможува ефикасност и рационална употреба на ресурсите во остварувањето на поставените стратешки цели и приоритети на Владата и другите релевантни институции од јавниот сектор. Имено, професионализација на структурата би значело дека ќе ги имаме најдобрите високи раководители кои можат да имплементираат поуспешни, поефикасни политики за граѓаните, истакна министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, на денешната Јавна презентација и расправа за новиот нацрт-Закон за висока раководна служба.
Тој потсети дека со Законот за административни службеници е направен првиот исчекор кон професионализација на извршните раководители во административната служба, додека предложениот модел се заснова на начелата на рационалност, демократичност и транспарентност.
– Со ова законско решение, сакавме да направиме исчекор во делот на избор на високи раководни лица. Во овој момент тоа се државните секретари, директорите на органите во состав на министерствата, управните организации и директорите на самостојните органи основани со посебен закон, истакна министерот Алиу.
Додаде дека со законот се предлага да се воспостави, целосно нов систем, кој ќе се имплементира постепено, со можност во иднина новиот модел да биде имплементиран во целиот јавен сектор.
– Треба да се има во предвид фактот, дека паралелно со воспоставувањето на системот на висока раководна служба, во тек е процес на структурна реорганизација/оптимизација на јавниот сектор, кој ќе значи рационализација и намалување на бројот на високи раководни места, но едновремено и воспоставување на линии на отчетност на високите раководители, рече министерот за информатичко општество и информатика.
Алиу информираше дека предлог Законот за високата раководна служба веќе е објавен на ЕНЕР каде што може да се достават конкретните забелешки и предлози кои работната група ќе ги анализира при финализирање на текстот на Законот и пред негово доставување во Владина постапка.
Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, клучната порака со донесувањето на овој Закон за високата раководна служба всушност е првенствено да се затвори, како што кажа, приказната дека има политичко управување со администрацијата.
– Целата техникалија на нивен избор, усовршување, оценување итн. не е ништо ново, практично ја следиме добрата пракса која што многу одамна ја воспоставивме со државната служба. Значи, постапката за селекција прилично е идентична да не речам ако не со изборот на државните службеници. Оценувањето е модификација на системот на оценување на државни службеници, посочи Димовски.
Нагласи дека заедно со денешната дебата како и дебатата во наредните 20 дена на ЕНЕР можеби ќе се даде, како што рече, уште по некој квалитетен предлог за уште малку да го подобри ова решение, и укажа дека идејата е да за наполнат два месеца и овој Предлог-текст да се најде пред пратениците во Собранието за да се започне расправа која ќе резултира со конечно донесување на овој закон.
Деталната содржина на новиот нацрт-Закон на денешната расправа ја презентираше Есма Адиловиќ Фазлагиќ, советничка за реформи во јавната администрација во Министерството за информатичко општество и администрација.