Реформата на јавната администрација и Реорганизацијата на државната администрација беа во фокусот на синоќешното гостување на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити во емисијата ,,Аргумент плус“, ТВ 24.

Реформата во јавната администрација е приоритет со цел добивање поквалитетни услуги кон граѓаните но и поголема ефикасност и отчетност на институциите. Овие реформи се многу важни и за патот кон Европската Унија.

Реорганизацијата е меѓу најбитните компоненти на РЈА. ,,По направената анализа на институциите, експертите дадоа конкретни препораки за тоа како треба да се изврши реорганизацијата“, рече министерот.

,,Тоа што генерално е констатирано, е дека имаме случаи каде две три институции вршат иста работа, имаме институции каде непотребно има директор, управен одбор, надзорен одбор за кои државата троши многу пари и имаме неколку институции кои никому не даваат отчет. Парадигма на експертите е секоја агенција да оди под некое министерство во зависност од надлежностите“, истакна министерот Алити.

Процесот на реорганизација е динамичен; одржани се неколку јавни расправи, формирани работни групи кои содржат надворешни и внатрешни експерти, како и експерти од МИОА.

,,Ние како МИОА сме лидери на проектот, но не се мешаме во тоа како Министерството за економија ќе се реорганизира со нивните агенции или Министерството за земјоделство“, потенцираше министерот, додавајќи дека таргетот за завршување е 1 јули 2023, а до 2024 сите министерства треба да го завршат процесот.

Идејата е агенциите да бидат под некое министерство за да има поефикасна комуникација со владата. Ќе има помалку институции кои ќе бидат поефикасни, потранспарентни, како и помалку директори и помалку одбори.