Формулацијата „јазикот што го зборуваат 20% од населението“ не е поврзана со дневната политика, туку со навредлива дефиниција на албанскиот јазик која мора итно да се отстрани. Ова ќе ја зголеми внатрешната социјална и меѓуетничка кохезија и ќе ја направи Северна Македонија уште подобра, уште посилна и земја која ги прифаќа европските вредности на јазична и културна различност, реагираат од Алијанса за Албанците по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Миицкоски, ако се разговара за нормата „20 проценти“, да се разговара и за нормите „Бадентер“ и „балансер“ .

„За нас е подеднакво навредливо кога јазикот на нашите сограѓани се нарекува северномакедонски или славомакедонски, а понекогаш и поинаку. Затоа, проблемот од 20 проценти г. Мицкоски и другите мора еднаш засекогаш да го сфатат како што треба, тргнувајќи од самите себе, а никако да не ја збунуваат јавноста создавајќи амалгами со Балансер, којшто во суштина е алатка за планирање на вработувања во јавниот сектор за остварување на уставната обврска за соодветна застапеност на заедниците“, велат од партијата на Арбен Таравари.

Оттаму додаваат дека „Бадентер“ или таканареченото двојно гласање е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што беше воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии како што се војните во поранешна Југославија.

„Секое прекршување на овој механизам на консоцијална демократија би било ретроградно и би донело последици кои никој од нас не би ги посакал. Ако ова двојно гласање е ‘проблематично’ за некого, треба да се земе предвид дека многу земји слични на нашата го имаат регулирано ова прашање со дводомен парламент, кој треба да се стави на маса доколку во иднина се отвори ваква расправа“,  нагласуваат од Алијанса за Албанците.

Од партијата велат дека го отфрлаат „секое условување кое ги разнишува темелите на нашата држава, изградена врз принципите на консоцијалната демократија“.

„Ваквите условувања не можат да се сметаат поинаку освен како дневна политика за внатрепартиска употреба, за одржување на фотелјата наспроти предизвиците кои се подалеку/пошироко од Северна Македонија и Европа“, додаваат од АА.