Крајот на годината, секогаш ветува подобар почеток на следната. Годината во заминување беше исполнета со многу предизвици, ни донесе многу тага, но нѐ направи и многу среќни. Оваа година нѐ научи прво да се соочиме со себе, а поретко со другите. Бевме сведоци на полициски час, карантини, загубивме драги луѓе, но спознавме и научивме и многу нови работи.

Ние направивме листа на омилени јавни личности, ги контактиравме и им поставивме две навидум многу едноставни прашања. Но, одговорите беа тотално различни, искрени, особено љубовни и полни со нова надеж.

Меѓу нашите омилени јавни личности е секако Александра Јанева.

Приватна архива

Taa е еден од најсвежите и прогресивни вокали во нашата земја. Музиката станала нејзино прибежиште уште како дете и се чини дека постајно била присутна секаде каде што ќе се запеело.

Но, веројатно најголемиот пресврт во нејзината кариера се случува во 2010 година кога поинтензивно почна да се пробива на музичката сцена.

Од училишни манифестации преку музичкото шоу „Сите наши песни“ во склоп на Македонската Радио Телевизија до првата победа на Макфест, Александра стана признат солист кој воодушевува со својата искреност и посветеност.

Изминатиов период немавме шанса да ја слушаме и да уживаме во нејзините изведби во живо, но затоа секогаш кога ќе ја слушнеме на радио си ги потпевнуваме нејзините песни.

Во 2019 година, таа заедно со Васил Гарванлиев и Антониа Гигоска како придружен вокал беше дел од еден од најсупешните македонски евровизиски тимови – годината кога Тамара Тодевска се пласираше на 7 место во големото финале.

Ние ја прашавме што ја одбележа нејзината 2020 година на личен план?

2020 година е година на позитивни промени кај мене и покрај сите психолошки искушенија на кои нѐ изложи актуелната ситуација со вирусот. Почнав да обраќам повеќе внимание на грижата за своето физичко и ментално здравје, се трудам да водам колку што е можно поздрав и поквалитетен начин на живот и се радувам што тоа добро се одразува на мене. Година на нови музички идеи, многу креативни часови поминати во студио и секако едно убаво заокружување како година на мојот прв албум – Срце отвори“, изјави Александра.

А што очекува од новата 2021 година?

Би сакала да прогласиме крај на пандемијата! Верувам дека ако тоа се случи, се` ќе си дојде на свое место“, вели Јанева.