Во Албанија се води истрага за целосно расчистување на настанот што се случи во Грамш, каде двајца албански војници беа нападнати од неколкумина Руси и еден Украинец. Настанот се случил вчера попладне, кога војниците, кои ја обезбедувале фабриката за производство на оружје, биле нападнати со нервен парализирачки спреј. Според Министерството за одбрана, „тројца државјани со руски и еден со украински пасоши се обиделе да влезат во фабриката. Лицата кои го обезбедувале погонот веднаш реагирале, но при обидите да ги уапсат 3-цата странски државјани, биле повредени двајца војници кои се во добра здравствена состојба.

Руски пасоши имале 33-годишната Светлана Тимофоева и 23-годишниот Михаил Зорин, а трет млад човек имал украински пасош. Во објава на Твитер, премиерот Еди Рама ги пофали војниците кои ги „неутрализирале трите лица осомничени за шпионажа“, но не даде дополнителни детали за инцидентот.

Министерот за одбрана Нико Пелеши објави и фотографии од двајцата нападнати војници, но ниту тој не даде други информации за овој настан.

Албанските власти официјално се обратија до руската амбасада во Тирана, барајќи информации и објаснувања.
Во меѓувреме, според Топ чанел, уапсените негирале дека се агенти или разузнавачи и тврделе дека се туристи со страст да фотографираат напуштени фабрики. За таа цел наводно имале и страници на Инстаграм.
Албанските медиуми откриле блог со кој раководи 33-годишната Тимофоева. Таа на Инстаграм објавила фотографии само неколку минути пред да биде приведена. На блогот пишува дека со ова хоби се занимава веќе 15 години.
Групата може да се види дека била на многу места и фотографирала слични фабрики во Бугарија, Грузија, Грција и Италија. Тие објавиле пост дури и додека трчале откако властите откриле дека влегле во забранета зона.
Фабриката Грамш, изградена во 1962 година е една од трите воени постројки во Албанија каде се демонтира и уништува вишокот муниција.

Прикажи повеќе