Албанскиот државен Институт за статистика, ИНСТАТ, објави дека бројот на албанските граѓани кои живеат надвор од земјата, на крајот на 2020 година достигнал 1,6 милиони, наспроти 1,08 милиони колку што биле според пописот во 2011 година, односно околу 600 илјади лица повеќе.

Според податоците на ИНСТАТ, од 2001 до 2011 година, 481 илјади луѓе се иселиле, но во текот на третата декада 2011-2020 година, бројот на иселеници се зголемил за 25 проценти.

-Растечкиот тренд на емиграција беше поттикнат од економската криза во 2008 година и укинувањето на визите со Европската унија во декември 2010 година. Во текот на последната деценија имиграцијата се прошири од поединци до заминување на цели семејства. Многу семејства побараа економски азил по 2015 година, појава што продолжува и понатаму, наведува ИНСТАТ.

Оваа бројка е речиси двојно поголема од онаа на неодамнешното истражување на ИНСТАТ, според кое во текот на 2011-2019 година над 360 илјади луѓе ја напуштиле земјата, или 13 отсто од резистентното население во 2011 година.

Една неодамнешна студија на професорите Илир Гедеши и Русел Кинг покажува дека емиграцијата ги погодила сите слоеви на албанското општество, од елитите до најсиромашните и најмаргинализираните групи и привлекла луѓе од сите региони на земјата.

Според нив и по три децении миграцијата се уште продолжува да се случува, иако нејзината природа е променета – помалку миграција поради сиромаштија, очај и незадоволство, како што беше во текот на 90-тите години од минатиот век и денес повеќе мигрирација на млади и образовани структури.