Премиерот на Албанија Еди Рама, ја објави одлуката на албанската влада за прекин на односите со Иран, одлука која следи по сајбер нападот врз владините институции. Рама рече дека оваа одлука е со официјална нота до Амбасадата на Исламската Република Иран, од која е побарано да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа и целиот дипломатски и техничко-административен персонал, вклучително и безбедносниот персонал. Во оправдувањето на одлуката Рама нагласи дека на 15 јули минатата година Албанија стана предмет на сериозен сајбер напад. Според него, истрагата обезбедила докази дека агресијата била оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран.

„Со недели, се работеше паралелно, дење и ноќе, да се вратат сите системи на работа, и да се води истрага за да се пронајдат агресорите. Во соработка со специјализираните партнерски агенции за дигитален антитероризам, кои со своите тимови беа во Тирана, се заклучи дека нападот на Албанија на 15 јули не била операција на поединци или независни групи во светот на организираниот сајбер криминал, туку државна агресија. Продлабочената истрага ни обезбеди непобитни докази дека сајбер агресијата врз нашата земја била оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран, која ангажирала четири групи за нападот врз Албанија. Меѓу нив, една од најозлогласените групи за меѓународен сајбер тероризам, автор или коавтор на претходни сајбер напади врз Израел, Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Емирати, Кувајт и Кипар“, изјави Еди Рама, Премиер на Албанија.

Албанскиот премиер рече дека ги информирал сојузниците, земјите партнери на НАТО и некои други пријателски земји. Според него, екстремната мерка, воопшто не е посакувана, но е принудена поради постапките од Иран и е во целосна пропорција со сериозноста и опасноста на сајбер нападот, кој беше закана да ги парализира јавните служби, да ги избрише системите и да ги украде државните податоци, да ги украде електронските комуникации во владиниот систем и да поттијне несигурност и хаос во земјата. /Алсат.мк