Мора да бидеме единствени и да не дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да одлучи кој ќе победи во Гостивар, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети и побара поддршка од жителите на селото Форино на вечерашниот предизборен собир.

Ахмети придружуван од членови на потесното раководство на партијата на средба со жителите на гостиварското село Форино зборуваше за важноста од обединување, особено по првиот круг од локалните избори.

– Повторно освоивме над 50 проценти од гласовите на Албанците и не може ВМРО да одлучува кој ќе победи во Гостивар. Ние сме достоинствен народ. Како Албанци мора да бидеме единствени, бидејќи уште владеат предрасуди. Не правам компромиси со албанското прашање во Македонија. Ние сме апсолутен победник, ако го преточиме во мандати на пратеници ќе имавме 19 пратеници. Треба да се обединиме бидејќи стануваме важни за локалното население. Ако имаме единствени општини, бидејќи целата агенда е поврзана со општините, ќе биде многу поинаку, рече Ахмети.

Тој пред симпатизерите и сопартијците потсети на делувањето на партијата, која од позиција на централна власт овозможила отворање на универзитети, капитални инфраструктурни проекти, почетокот на гасификацијата, автопатот низ Полог.

На средбата зборуваа и првиот вицепремиер Артан Груби и собранискиот спикер Таљат Џафери и во обраќањата побараа поддршка за да победи кандидатот на ДУИ Невзат Бејта.

Како и на претходните средби, во предизборните активности за вториот круг, Ахмети бара од граѓаните да ги кажат нивните проблеми и да критикуваат доколку не се задоволни од нивното работење.